Мицкоски: Не смееме да дозволиме градоначалниците да станат локални владетели


 

Не смееме да дозволиме градоначалниците да станат локални владетели, ниту пак статисти во процесите, туку фактори за развој и решавање на проблемите. Ова го истакна денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација во организација на Министерството за локална самоуправа, насловена „Кон одржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“. 

Визијата, е, подвлече тој, да се изгради локална самоуправа што ќе биде вистински партнер на секој граѓанин. Да се создадат услови каде општините нема да бидат само администратори, туку активни двигатели на економскиот раст, на иновациите и на социјалната кохезија.

„Работите што ги наследивме во поглед на локалната самоуправа и тоа што минатите влади преземале на тој план не се добри. Предолго општините биле предмет на политички пазар и поддршката на централната власт исклучиво зависела од тоа дали раководствата на единиците на локалната самоуправа кохабитираат со тие на централната власт“, истакна тој. 

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински рече дека создавањето на пофункционална локална самоуправа, подобрување на квалитетот на јавните услуги и изградба на партнерство и доверба со граѓаните се клучни приоритети на оваа Влада. Затоа, истакна, има максимална посветеност на поддршка на развојот на локалната самоуправа.