Мицкоски не сака дуел со Пендаровски, ќе го чека да станел претседател на СДСМ


Христијан Мицкоски на митингот во Струмица

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски, вечерва од митингот во Струмица го отфрли повикот на Стево Пендаровски за дуел меѓу нив двајцата, затоа што сегашниот претседател тврди дека како тој да бил кандидат за претседател на државата, а не Гордана Силјановска-Давкова.

„Откако имав дуел со Ковачевски, а после дуелот јадниот Ковачевски не знаеше вратата да си ја најде од Канал 5 каде што бевме, сега му текнало на Пендаровски да бара дебата со мене. Може ќе му текне и на Миле Зечевиќ и на Бојан Маричиќ, може и на оној Јово Деспотовски кој што е претседател на СДСМ во најава. Јас немам проблем од дуели и дебати, но за Стево ја добие таа чест да имаме дуел и дебата, најпрвин треба откако ќе ги изгуби изборите на 8 мај, да ја добие довербата на делегатите  од СДСМ и да стане претседател на СДСМ, а СДСМ најголема опозициска партија. Но се сомневам дека ќе биде после овие избори на 8 мај и тука повторно ќе излаже, затоа што нели рече еднаш дека ако не е претседател, тогаш и тој ќе се исели од Македонија. Сега и тоа ќе го излаже, ама добро еве ќе му простиме бидејќи е претседател во најава во СДСМ и тој тогаш може да седнеме и да дебатира со идниот премиер на Македонија и да зборува каква е состојбата во Македонија“, потенцираше Мицкоски.

Тој побара Пендаровски да ѝ се извинел на Гордана Силјановска-Давкова затоа што, наводно, ѝ упатил навреди, но и да престанел да биде „измеќар на Али Ахмети и Артан Груби“.

„Најпрвин треба да престане да изигрува балкански мачо маж, да навредува дама со голем кредибилитет, со голем авторитет како што е професорката Гордана Силјановска-Давкова, да кажува дека не ја видел и да се извини. Треба да излезе и да се извини за тоа што се служи со навреди, а потоа наместо да биде маж којшто навредува дама, да престане да биде измеќар на Артан, Али и останатите“, истакна Мицкоски.

Мицкоски уште рече дека нема намера понатаму во кампањата да се занимава со Пендаровски и дека граѓаните треба да му помогнеле нему на 24 април да си ги спакува куферите и на 8 мај да се исели.