Мицкоски: Македонија овојпат се брани со гласачко ливче
Овие избори се повеќе од обични избори, затоа што оваа власт удри по темелите на нашата заедничка куќа, по нашиот дом, почна да руши дел по дел од она што со генерации беше градено, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на централниот митинг во Скопје.
Тој им порача на присутните да ги преземат работите во своите раце и да излезат да гласаат за својот дом, за своето семејство, за заедничката иднина.
„Македонија овој пат се брани со гласачко ливче, на 21 април и на 5 мај. Затоа што ова не се обични избори Затоа што оваа власт удри по темелите на нашата заедничка куќа, по нашиот дом, почна да руши дел по дел од она што со генерации беше градено. Затоа ова мора да престане. Мора да се спротивставиме на ова рушење, зошто ни го одземаат нашиот дом, кој не е само наше право туку наша обврска. Затоа овој пат Македонија се брани на овие избори со гласачко ливче’, рече Мицкоски.
Според него оваа кампања го потврдила сето она што се зборувало за заевизмот и неговите црнилата.
„Велеа од власта дека се бореле за ЕУ и НАТО. Еве поминаа две години како се на власт, а Македонија освен по некој „чочек“ за прослава нема датум за преговори со Европската Унија и веројатно и оваа година нема да добие препорака, а нема да добие не заради опозицијата и овој народ, туку поради неспособноста на Владата, не знаат да работат. Европа е стандарди, Европа е критериуми и вредности, каква што оваа влада нема. Од друга страна што би рекол народот направија од готово вересија, од нашите традиционални пријатели прават непријатели, па така срамежливо министерката за одбрана ќе рече можно е да се појави и кочница за членството за НАТО. Па нели блескаме, нели одиме напред. Какво напред какви бакрачи, полошо и потешко никогаш не било во Македонија“, рече Мицкоски.