Мицкоски ќе се сретне со УПОЗ, ама кога ќе се врати од Вашингтон


Фото: Б. Грданоски

Средбата меѓу Владата и Синдикатот на УПОЗ ќе се реализира откако премиерот Христијан Мицкоски ќе се врати од официјалната посета на САД, велат од Владата во изјава за МИА. 

– Премиерот Христијан Мицкоски веднаш по враќањето од официјалната посета на САД ќе ги прими претставниците на синдикатот и ќе се дискутира за изнаоѓање на решение кое ќе биде од полза на работниците и исполнување на нивните права, се вели во одговорот што МИА го побара од Владата.

Оттаму велат дека стремежот на Владата е да се изнајде решение кое ќе биде во насока на подигнување на стандардот на работниците во согласност со буџетските можности. 

– Добро е што лидерите на УПОЗ прифаќаат дијалог наместо рестриктивни и избрзани мерки како протест без да бидат исцрпени можностите за дијалог и изнаоѓање на конечни решенија, велат од Владата.

Вработени во дел од министерствата, Државниот завод за статистика и Државниот архив веќе четири дена одржуваат получасовен предупредувачки протест барајќи додатоци на плата од 30 проценти и потпишување на колективни договори. 

Денеска од протестот што се одржа пред Министерството за финансии, преставниците на Синдикатот на УПОЗ информираа дека доставиле барање за средба со Владата, а доколку не се постигне договор не се исклучуваат порадикални чекори.