Мицкоски ја спушта топката со маркетите. Се откажа од заканите, најавува средби
Премиерот бара соработка со маркетите, производителите и добавувачите за инфлацијата на основните производи да биде под 3 отсто
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја спушти топката во однос на вчерашните закани кои ги упати кон маркетите, дека нема да прифаќа оправдувања и изговори за цените на прехранбените производи, и најави дека во наредниот период ќе има средби со добавувачите и производителите за да се постигне целта – инфлацијата во делот на прехраната да биде под три отсто на годишно ниво.
Прво во објава на Фејсбук, а потоа одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Основното училиште „Љубен Лапе“ во Скопје, Мицкоски рече дека ќе следуваат средби и со добавувачите и производителите.
„Во наредниот период ќе следат средби и со добавувачите и производителите, со цел заеднички да придонесеме годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под 3 проценти“, вели Мицкоски.
Тој потенцира дека Владата останува посветена на спроведување мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и обезбедување поголема економска сигурност.
Вчера Мицкоски со многу поинаков тон порача дека кризата завршува и дека граѓаните биле толерантни, поради што „сега е на ред трговците и дистрибутерите да им се оддолжат и да ги намалат цените на производите, посебно основните прехранбени производи“.

„Оправдување и изговори не прифаќам, од типот ‘не ги ни качиле, не ги ни намалиле цените’ и слично. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови, тогаш ние како Влада ќе реагираме“, рече вчера Мицкоски во одговор на новинарско прашање по учеството на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ.
Тој исто така рече дека ќе направат споредби какви се цените во регионот, какви се кај нас за некои од основните прехранбени производи и во одредени маркети и, како што посочи, „ако треба по име и по презиме од утре јавно ќе ги објавуваме ние, па понатаму оставаме на нив“.
Мицкоски денеска нагласи дека целта е годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули годинава да биде под 3 проценти.
Таа цел, како што посочи, била дефинирана на вчерашната средба во Владата со претставници на најголемите синџири на маркети, а во таа насока, ќе се одржат средби и со производителите и дистрибутерите и добавувачите. Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат ќе прави споредбена анализа помеѓу цените на ист производ на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој производ кон потрошувачите за мај годинава споредено со мај лани. Целта, вели Мицкоски, е да се види што е тоа што креира состојба да имаме зголемени цени на основните прехранбени производи.
Мицкоски нагласи дека сите мора да бидат општествено одговорни затоа што граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени.
„Имавме состанок со претставници на најголемите синџири на маркети. Разговаравме за кризата којашто еве, полека но сигурно, барем како што стојат сега работите, завршува. Ги анализиравме ефектите од кризата и заеднички дефиниравме цели коишто треба заеднички да ги да ги исполниме. Една од тие цели е во јули годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи не биде поголема од 3 проценти, односно да биде под 3 проценти. Се согласивме сите. За ова да се реализира потребно е да направиме еден ваков ист состанок со производителите и дистрибутерите и добавувачите. Тоа ќе се случи во наредниот период и потоа сите заедно ќе седнеме на маса и сите заедно ќе бидеме општествено одговорни затоа што граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени“, изјави Мицкоски.

Како Влада, дополни, остануваме да бидеме посветени во насока на изнаоѓање системски решенија со кои инфлацијата генерално на основните прехранбени производи ќе се движи на ниво од под 3 проценти. Во мај беше 4, 5 до 4,7 проценти, ако тоа се спореди со соседството, да речеме Грција е над 5 проценти, Бугарија е над 6 проценти, Романија е над 8 проценти, истото е и со Косово, Хрватска и така натаму. Нешто помала од 3 и 4 е Србија и Албанија. Нашата цел е во јули да почнеме со под 3 проценти годишна промена на цените на основните прехранбени производи и оваа задача си ја поставивме и ние како Влада, но и но и претставниците на најголемите синџири на маркети во Македонија, рече Мицкоски,.
Анализирани се, информира премиерот, и потенцијални чекори од страна на Владата доколку не биде испочитувано договореното.
„Ги анализиравме сите објективни состојби коишто тие вчера ги кажаа. Анализираме и промена на одредени законски решенија во насока на поуспешна реализација на оваа цел или во иднина цели коишто ќе си ги поставиме. Тоа што е од страна на Владата ќе биде испорачано, останува тие тоа да го испорачаат. Истовремено, Државниот пазарен инспекторат доби задача да направи компаративна анализа помеѓу цените на еден ист производ, еден ист артикл на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој ист производ кон потрошувачите, граѓаните, за мај 2025-та споредено со мај 2026-та. Да видиме, што е тоа кое што тука креира состојба ние да имаме зголемени цени на основните прехранбени производи. Нашата цел е основните прехранбени производи, не е – тутунот и производите од тутун, алкохолните пијалоци или друг тип на акцизна роба. Зборуваме за основни прехранбени производи, тоа што им е неопходно на граѓаните“, рече Мицкоски, кој присуствуваше на промоција на учебници во ОУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.
На прашањето дали се сомнева во злоупотреба кај цените од минатата година досега, одговори:- ‘Не, јас сум човек којшто е следбеник на амерканската изрека ‘Верувај, но проверувај’“. (М.Ј.)