Мицкоски ја нарече „криминална“ одлуката на судот за куќен притвор во аферата во РЕК „Битола“


 

Одлуката на судот во Битола да му определи куќен притвор на сопственикот на „Марковски компани“, осомничен за матни зделки со раководството на РЕК „Битола“ за 1,6 милиони евра, стана дел и од кампањата за локалните избори.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Богданци рече дека „Марковски компани“ била омилена фирма на СДСМ и ДУИ, иако таа добива тенедери во РЕК „Битола“ уште од 2012 година, а и во времето кога Мицкоски беше директор. Тој ја нарече одлуката на судот „криминална“.

„И додека ова Филипче го говори, во истиот момент, во исто време судот на сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, ‘Марковски“, кој парче по парче направи во РЕК, за сомнеж за криминал од сто милиони, му доделија куќен притвор. Да го прашам Венко, професионално ли е што за сто милиони неговиот суд му дава само куќен притвор, а за некој што украл 10  ќебапи има притвор со месеци? Во ништо од ова нема професионално, туку само криминално“, посочи Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека после локалните избори годинава, на државата ѝ е потребен целосен ресет, и само на тој начин ќе обезбеди иднина.