Мицкоски имал сон дека тој е надежта на Македонија


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва на предизборниот митинг во Скопје порача дека филозофијата на надеж е онаа што ги натерала партизаните да веруваат и да се борат за тоа во што веруваат и да ја создадат оваа држава исто како што ние денес говориме да создадеме нова иднина.

-Надежта на лекарите кои се борат храбро против пандемијата, на учителите кои го предаваат своето знаење  на идните генерации, на земјоделците кои со труд го посеваат родот и чекаат принос за да нè прехранат. Надежта која се бори и не можат да ја уништат! Надежта на референдумот за независност и искрата во очите на секој наш граѓанин при прославата на самостојноста. И конечно, надежта на еден млад студент на Машински факултет со име Христијан, слаб, височок и со наочари, кој уште тогаш верувал и сега сè уште верува дека Македонија може и има сила да биде тоа што сите ние го сонуваме, рече Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Скопје.И еве сум тука, додаде тој, полн со надеж!„Надеж во лицето на тешкото! Надеж во лицето на проблемите! Надеж во лицето на неизвесноста“,кажа Мицкоски.

Според него ова е  заедничка битка.

„Затоа што силата на надежта е нескршлива! Силата на надежта носи промени! Таа сила и таа надеж сте вие! Заедно кои сакаме да го живееме сонот на една подобра Македонија, во иднина која заедно ќе ја создаваме! Тоа е мојот сон. И јас верувам во него. Верувам дека ќе излеземе од овој вртлог на апатија и разочараност. Ќе дојде светол ден! Ви ветувам“, порача Мицкоски.

Потоа тој го цитираше Абрахам Линколн со зборовите дека „најдобар начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш“.

-И тука сме не само да зборуваме за иднината, туку заеднички да ја создаваме, да ја градиме и заеднички да се бориме. Скопје е на нозе! Во Македонија повторно е родена надежта, таа искра во која народот гледа шанса за промени и остварување на сонот каков што го имаме цели 30 години.30 години сонуваме за нешто што цели 30 години го немаме. Тие што пукаат во таквата надеж се истите оние кои поради ситни интереси нè влечат надолу.

Но повторно, особено по првиот круг од изборите, со голема сигурност можам да кажам дека надежта е во очите на луѓето сè повеќе и е се поголема, и повторно се враќа она чувство на треперливост во срцата дека можеме, дека умееме да направиме големи работи и дека Македонија, ова наше парче земја на горди луѓе, има сила!

Што е поразлично од претходно? Ќе ви кажам, тоа е мирисот на слободата… затоа што Македонија е нашата емоција, нашата душа, нашиот сон. И нашиот дом.Поразлично е затоа што народот крева глава, се крева над прашината која ја создава власта и јасно ги гледа работите.И многумина ме прашуваат дали ме вознемируваат оние црни кампањи против мене и моето семејство, оние обвинувања, крици на лаги и страшни измами.Мојот одговор е до нив и до сите нивни привезоци, многу сум спокоен затоа што знам дека е ова последица на очај, последните чекори на апаратот којшто губи и сака да повлече сè со себе. Тие на тој начин го губат и своето достоинство.

Си го покажувате вистинското лице поради што ќе доживеете пораз… и сега, кога измислувате и објавувате набрзина нашкрабани  фалсификувани документи, кои треба да ги обезвреднат моите соработници. И кога го разгорувате огнот на меѓуетнички тензии, и кога ја делите Македонија само за да си ги спасите кариерите.И кога го делите Скопје, и кога на скопјани им велите дека згрешиле, дека не знаеле правилно да заокружат.И кога го плашите народот дека доаѓа крајот на светот, само затоа што се ближи вашиот политички крај, порача Мицкоски.