Мицкоски го избегна првото соочување со гласачите


Ова требаше да биде прво соочување на Христијан Мицкоски со гласачите и тоа требаше да биде вистинскиот лакмус кој ќе ја одреди неговата вредност на политичката сцена

 

Љупчо Поповски

Луѓе од сцената прават сценски гестови. Игор Дурловски направи оперетски гест во согласност со уметноста со која се занимава за да му се зблагодари директно на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за тоа што го одбрал да ја предводи кандидатската листа на партијата во Петтата изборна единица. Тој дури одбра тоа да го направи преку видео обраќање за да му даде поголема тежина на својот потег.

„Ги бранев нашите принципиелни ставови борејќи се за Македонија, за вистинските вредност, без отстапки… Јас немам противник, немам ни непријател. Се борам за вистината, а вистината е само една“, зборува во видео-клипот Дурловски.

Еве неколку факти од таа „вистина“ поврзани со кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ. Најважниот е дека Христијан Мицкоски го нема на кандидатските листи, тој остана на својот став да не биде пратеник, без оглед дали тоа може да ѝ донесе штета на неговата партија во изборниот натпревар. Сега станува појасно зошто тој постојано инсистираше на неговиот полупредлог за шпицен кандидат – сакаше својата идеја да му ја наметне на сдсмовскиот лидер Зоран Заев. Тоа не му успеа, но тој си го задржа ставот.

Оваа вистина дека Мицкоски го нема на кандидатските листи не е еднонасочна, таа еманира повеќе „вистини“. Од една страна, тоа може да се толкува како политичка доследност што треба да се цени. Но, од друга страна, дел од гласачкото тело тоа може да го оценува како внатрешен страв како би поминал на изборите. Ова требаше да биде прво соочување на Христијан Мицкоски со гласачите и тоа требаше да биде вистинскиот лакмус кој ќе ја одреди неговата вредност на политичката сцена. За време на референдумот до последен ден одбегнуваше да се изјасни дали ќе го бојкотира или ќе излезе да гласа против. Најпосле, не се појави на изборното место и го потврди она за кое сите знаеја – дека водел прикриена кампањата поддржувачите на партијата да го направат истото.

Мицкоски по 12 април може да се најде во уникатна ситуација. Да биде под огромен притисок ако ВМРО-ДПМНЕ ги загуби изборите, а тој да не бил дел од изборната понуда на партијата. Тоа е влог со неверојатно голем политички ризик, но Мицкоски веројатно верува дека животот не би завршил со излетот во политиката – тој, сепак, е професор на скопскиот универзитет. Но големиот ризик се однесува на партијата доколку остане во опозиција наредните четири години. Заев пред некое време изјави дека задоцнетата памет некогаш поинаку ги оценува постапките – па дека неговата апстиненција и на другите важни луѓе од раководството на СДСМ од кандидатските листи за изборите во 2014 година ѝ нанесла голема политичка штета на партијата. Неговото објаснување беше со поедноставени зборови – како да гласам за партијата и да верувам во нејзината понуда ако нејзините први луѓе не се на истурените позиции на изборите. Со слична ситуација може да се соочи и Христијан Мицкоски.

Другите факти од „вистината“ се дека тројца долговечни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не се веже на листите: Трајко Вељаноски, Илија Димовски и Владимир Ѓорчев. Тие беа пратеници во пет собраниски состави од 2006 година наваму. Тргањето на Вељаноски од листите веројатно има политички смисол – за него почна судењето како еден од организаторите на крвавите настани од 27 април. Слично оправдување може да има и за Димовски (тој е еден од обвинетите во процесот „Талир“ за нелегалното финансирање на партијата). Многумина не се согласуваа со начинот на којшто Илија Димовски ја бранеше вмровската кауза во парламентот, но неспорен е фактот дека тој беше најдобриот ораторски подготвен пратеник на партијата, кој ја користеше и најмалата можност што му се дава да поентира. Тој беше и главен преговарач на ВМРО-ДПМНЕ во процесот „Жан Моне“, па однадвор изгледа малку чудно зошто Мицкоски се откажа од неговото знаење. Можеби причините треба да се бараат внатре во партијата.

И Димовски и Владимир Ѓорчев буквално целиот свој работен век го поминаа во собраниските клупи. Димовски стана пратеник на 26, а Ѓорчев на 28 години. Доколку нивната партија загуби на изборите тие веројатно ќе треба да бараат професионален ангажман надвор од политиката, а тоа е тешко поле за снаоѓање.

Едниот излета, другиот остана на кандидатските листи: Илија Димовски и Антонио Милошоски

Можеби Антонио Милошоски си го заслужи своето второто место на листата во Петтата изборна единица со жестоката пресметка со Зоран Заев во последните месеци пред распуштањето на парламентот. Последните објавени снимки како ургира кај тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски (сега конечно разрешен) за судски случај во кој е вклучен неговиот татко, сигурно нема да му донесат некој глас плус ни на Милошоски ни на партијата. Минусот во „петката“ ќе треба да го спасува Дурловски. Сигурно дека Мицкоски ќе најде објаснување зошто Милошоски е на изборните листи, но прашање е дали гласчите ќе најдат разбирање за тоа.

За јавноста изгледаше спектакуларен трансферот на новинарот Сафет Бишевац од поранешните сдсмовски собраниски клупи во вмровските редови. Појавувањето на деветтото место во Првата изборна единица ги објасни неговите постојани појавувања на телевизиските дебати и жестоките напади кон партијата која го промовира во политиката. И неговите обиди за релативизирање на длабоките последици во општеството што ги имаше упадот и затворањето на телевизијата А1 во времето на најголемата моќ на ВМРО-ДПМНЕ. На политичарите не им недостасуваат сензационалните промени во иделогијата и интересите (иако Сафет Бишевац тешко дека би можел да се окарактеризира како политичар), па освен спектаклот на овој трансфер нема ништо политички суштествено. Освен можноста доколку Бишевац, сепак влезе во парламентот (што според бројките ќе биде тешко) да направи и друг идеолошки и интересовен трансфер.

Кандидатските листи нудат и други факти: има само девет места од 120 за претставници на коалицијата, а само четири се добитни. Ова укажува на две работи: или ВМРО-ДПМНЕ решило да биде скржав во понудата до партнерите, или пак, партнерите се раситниле толку па немало можност за поширокограда понуда. Но, во основа, тоа сепак укажува на ситуацијата дека вмровците сакаат целосно да ја контролираат ситуацијата во пратеничката група.

Од 11 вмровски кандидати, 48 се жени (тоа е во рамките на законските обврски). Но бројките се малку поинакви кога ќе се види нивната разместеност: на првите осум места во секоја изборна единица (вкупно 48) има само 16 жени.

Има многу нови лица на вмровските листи, но и луѓе од старата номенклатура. Александар Николоски е веројатно најцврстата ортома поврзана со структурата на партијата од времето на Груевски. Тој беше пратеникот кој во Собранието го предложи законот Груевски да има бројни телохранители онолку години колку што бил премиер. А беше со Грувески заедно во Виена на 27 април 2017 година, кога во Собранието течеше крв. Владо Мисајловски беше министер за транспорт во владата на Груевски.

Гласачите и паметат и забораваат, политичките партии секогаш мислат на оваа ситуација. Така и ВМРО-ДПМНЕ со составот на неговите кандидатски листи.