Мицкоски гледа само чувари на заевизмот и послушници


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за „Дојче Веле“ околу  составот на новата Влада оцени дека во неа се наоѓаат истите ликови чии политики биле поразени на последните локални избори, но и ликови кои воопшто не се впечатливи, додавајќи дека на овие позиции се дојдени како чувари на заевизмот и слепи послушници.

„Во оваа влада се наоѓаат истите ликови чии политики беа поразени. Го имате Љупчо Николовски кој беше задолжен за антикорупција во времето кога оваа влада на сите скали е на првото место по корупција. Повторно министер е Маричиќ, кој е познат по неправдите и хаосот во правосудството и монтираните случаи кои завршуваат со неспроведување на правдата. Во владата продолжува да биде министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е главниот бранител на мафијата и во чие време се случија најголемите скандали поврзани со разни шверцови, пасоши, нерасветлени убиства и слично. Министер е и Битиќи, кој ќе остане запаметен по фијаското во економијата, инфлацијата, високите цени во маркетите, а ниските плати“, изјави Мицкоски.


„Од друга страна, имате и невпечатливи министри, чии портфолија кажуваат дека таму се дојдени како чувари на заевизмот и слепи послушници. Министер е и професорот Тупанчески, кој би било добро да го чуеме што мисли како добар правник за главното барање на Алтернатива за реотворање на случаите „Монструм“ и другите правно утврдени случаи“, додаде  Мицкоски.

Мицкоски смета дека оваа влада ќе биде само континуитет на претходната влада на Заев без нова свежина и енергија, без план и стратегија, укажувајќи дека единствен излез од сегашната криза се нови предвремени парламентарни избори.
 
„Ова е влада во која формално стои СДСМ, а реално е предводена од ДУИ, потпомогната со триото ЛДП, ДОМ и ДС, кои поради сопствениот комодитет поддржуваат влада на криминал. Затоа излезот е избори што побргу, сериозни реформи за излез од кризата, и борба за нова иднина“, вели Мицкоски.