Мицкоски денес на средба со маркетите
Премиерот Христијан Мицкоски најави нов состанок за денес со маркетите и со дистрибутерите, но и законски измени со кои десеткратно ќе бидат зголемени казните за фирмите кои ќе имаат нефер трговски практики.
Пред два дена тој ги повика компаниите, дистрибутерите, добавувачите и производителите да пријавуваат нефер трговски практики за да може државата да интервенира во ваквите случаи.
– На почетокот на кризата имавме еден таков состанок. Сега во понеделник ќе имаме уште еден таков состанок, мислам дека е закажан за понеделник, на којшто ќе испратиме силна порака во начинот на нивното однесување на пазарот. Истовремено, и законските измени се при крај за усвојување, каде што казните се десеткратно зголемени за оние маркети коишто ќе се однесуваат нефер. Ќе ја засилиме и инспекцијата и контролите на терен за да идентификуваме ваков тип на однесување. Но, истовремено ги охрабрувам компаниите, дистрибутерите, добавувачите, производителите да пријавуваат нефер трговско однесување од страна на некои од маркетите, бидејќи сега се наоѓаат канали од страна преку разноразни услуги преку трети фирми да се фактурира таканаречен ројалити, што не е фер трговско однесување. Јас ги охрабрувам сите дистрибутери и производители тоа да го пријават за да можеме како држава да делуваме. Инаку не можеме да делуваме, затоа што кога ќе направите инспекција и кога ќе ги видите сметководствените книги, ќе видите дека сѐ е во ред, а преку трети и четврти прокси канали се наплаќа тој ројалити. Дали производот да е полево или подесно на полицата, тоа е веќе јавна тајна и сите го зборуваат тоа, затоа ги охрабрувам да посведочат за да можеме да реагираме како држава против таквите маркети коишто нефер трговски се однесуваат – изјави Мицкоски.