Методологијата на ВМРО-ДПМНЕ против методологијата на ЕУ


   НАНО РУЖИН

Изјавите на Мицкоски и останатите од врхушката на ВМРО-ДПМНЕ за ревизија на Преспанскиот договор, се апсолутно спротивни на содржината на новата методологија на ЕУ

Двата најзначајни мотори во политичкиот живот на секое мултипартиско општество се идеите и суетите. Оваа синтагма важи и за македонското политичко милје. Во изминатите три децении на домашната политичка сцена продефилираа воглавно суетни и суперсуетни политичари, лидери, чија суета влијаеше и врз нивното политичко искачување и пропаѓање, независно дали развиваа или практикуваа некоја позначајна идеолошка доктрина. Денес суетите на политичарите и се што произлегува од доменот на психологијата, односно она што ја афектира личноста, се позначајни од идејите и идеологиите како матрици за освојување на масите. Живееме во епохата кога идеологиите и доктрините се со низок профил и губат од некогашниот убедувачки сјај.

Во ВМРО-ДПМНЕ повеќе никој не зборува за социјалните прашања, за сиромаштијата, за пензиите, за минималната плата, невработеноста…  туку за криминалот, корупцијата, „Луј Витон“ судство, националистичкиот занес и патриотизам и, секако, за предавничкиот Преспански договор. Дали СДСМ беше толку ефиксен и итар што успеа да им ја одземе темата од социјалниот простор преку донесувањето на куражните закони од доменот на социјалата? Се добива чуството дека во ВМРО-ДПМНЕ заборавија да се смеат, сериозно загрижени за императивното освојување на власта, дури и по цена на жртвувањето на државните интереси (НАТО и ЕУ). Веројатно се ориентираат според онаа народната: кој последен се смее, најслатко се смее.

Политичкиот талент на конзервативната десница во Северна Македонија е украсен со агресивна црна кампања и лажни вести. Нивниот тежок блуз го слушаме со месеци, а тоа го видовме и во циничната претстава на нивниот технички министер за труд и социјална политика и во бласфемичниот фејк-подарок-паричник на Мицкоски кон Заев на ТВ-дебатата. Чудно е, партијата која 11 години практикуваше криминали проекти, насилно рушење на системот и демократијата, прислушувања, фалсификување избори, која прерасна во персонификација на авторитарен илиберализам, корупција и пералница на пари, најбогатата партија во Европа со малограѓанскиот неокласичен стил на градби чиј симбол е „Скопје 2014“ и седиштето на партијата, со соцреалистички мотиви на семејството, се дрзнува да го насочува прстот на криминалот кон некој друг. Или оваа метафора повеќе потсетува на оние итарпејовски приказни, кога крадецот вели „иш…иш“ на мувата.

Овој  стар трик на пренасочување на вината кон соперникот е класиката на сите политички пропаганди од Липман и Бернис до денес. Треба да им се честита за стратегијата за моментална амнезија на се што реализираа меѓу 2006 и 2017, кога никој не смееше да писне или изрази некој сомнеж или незадоволство кон тогашниот властодржец и матните афери на неговата партија. Но затоа денес  ВМРО-ДПМНЕ со сета сила ја тегне како километарски федер, аферата „Рекет“ со фикција да се претвори во нивна изборна платформа. Интересно е што благодарение на познатите популистички алатки тие делумно успеваат да ја вкрстат оваа афера со свеста на противниците на Преспанскиот договор според силогизмот „ем се предавници ем крадат“. Повеќе никој не зборува за криминалите на ВМРО-ДПМНЕ или за позитивните ефекти на Договорот од Преспа.

Мицкоски лаконски се закануваше со поништувањето на овој договор доколку ја освои власта, но официјално нема храброст да го потврди тоа и мудро молчи. Свесен е дека таквиот потег не е можен, но еден мал fake news „дека ќе го подобрел“ е успешна фасада за неговите истомисленици. Од преземањо на кормилото на партијата Мицкоски срамежливо промовираше едно ново ВМРО-ДПМНЕ, со мозинството стари кадри и по некој свеж портпарол збогатени со старо-новите епски приказни за националната кауза. Пред десетина години во времето на апсолутното владење на Груевски и тајфата го запознавме „новото“ ВМРО-ДПМНЕ. Заштитен знак беа методите на силна пропаганда, контрола на медиумите, клеинтелизмот и авторитарно владеење  со државата. Тогашниот лидер упорно ги избегнуваше ТВ-дебатите, а пред седиштето на опозицијата организираше „протесни митинзи на жртвите на транзицијата“ за едно “скопско“ и сендвич по човек.

Дали очекуваниот стратешки гамбит на Мицкоски може да се нарече нова методологија на политичко дејствување на партијата? Изразот нова методологија е во мода и во Брисел и на Балканот?  Денес повторно го препознаваме ВМРО-ДПМНЕ но во опозиција, наводно наоружан со новата методологија со која се надева да ја освои власта. Искуствата од изминатите партиски кампањи на оваа партија се сведуваа на дисциплирано гласачко тело, индоктринирано со националистичката патриотска реторика, кое минуваше низ бројните популистички обработки кои често беа на граница со екстремната десница. За лидерот на партијата дури не се поставува дилемата: како да  раководи со своите верници и на кој начин да ги стимулира во меѓупартиската битка?

Ова е една од најмистериозните димензии на политичката моќ. Било да се работи за политички индоктриниран член или интелектуалец, секој авторитарен лидер сонува да доминира и да потчинува. Искуствата од минатото покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ многу лесно и авторитарно го спроведуваше принципот на демократскиот централизам, еден од реликтите на комунистичките пари. Целта на лидерот е да создаде околу себе група политички верници, кои слепо ќе го следат и воздигнуваат. Оние што во рамките на партијата мислеа поиаку, беа елиминирани. Во рамките на секоја демократија и под окото на камерата се гради „харизмата“ на лидерот, но тој е далеку зад позициите на поранешниот  пастир. Харизмата не се добива преку ноќ, туку тоа е долгорочен процес кој се доградува на подолг рок. Најголемиот хендикеп на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е недостаток на харизмата. Во такви услови разбирливо е што Мицкоски настојува да создаде нова методологија во функционирањето на партијата, која ќе треба да се испроба на следните парламентарни избори. Бидејки духот на времето во кое живееме е одбележан со поимот- методологии, се прашуваме: што е методологија?  Наједноставниот одговор е дека се работи за најадекватна алатка за решавање на проблемите преку користење методи за примена и проверка на добиените решенија. Со таквата амбиција се поведе и Европската Унија. Во новата методологија предвидено е кластерите, односно групите поглавја, да се отвараат паралелно со зададен рок на нивното затварање. Шесте големи кластери се: основни права, вклучувајки ги поглавјата 23 и 24, внатрешен пазар, конкурентен и инклузивен раст од транспорт до екологија, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси, земјоделство и кохезија и надворешни работи. Со новата методологија пред Северна Македонија се наметнува една потешка задача, со оглед дека мониторингот и притисокот на останатите држави членки врз аспирантите ќе биде многу поголем отколку во претходните проширувања.

Тоа значи дека и разните проекти и изјави на Мицкоски и останатите од врхушката на ВМРО-ДПМНЕ за ревизија на Преспанскиот договор, се апсолутно спротивни на содржината на новата методологија на ЕУ. Воедно, криминалните досиеа и отворените истраги на голем дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ опфтени се во првиот кластер, поглавјата 23 и 24, така што било каков да е епилогот на изборите од 12 април, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде соочено со реализацијата на обврските од првиот кластер. Дали е тоа раскрстување на демохристијанскиот сон на ВМРО-ДПМНЕ дека навистина ќе еволуира во современа конзервативна партија?

Засега кај ВМРО-ДПМНЕ преовладуваат инстиктот и суетата. По 11-годишното владеење, неговите зависници од политичката моќ и власт тешко се мират со второстепената улога во македонското општество. Сонуваат дека по секоја цена мораат да се вратат на престолот и да ја продожат приказната што им ја прекина Заев во 2017. Меѓутоа дали со имиџ на националистичка македонска партија зајакнат со политичките илузии за Тиранската платформа, силната критика на Законот за јазици и упорното чисто-етнички партиски состав ќе можат да се соочат со предизвиците на демократијата? И како ќе го преживеат историскиот потег на Заев за создавање на првата мултиетичка граѓанска партија на Балканот?

Со космополитискиот потег на едноставниот човек од Мурино и сопартијците, не само што си обезбедија гласови од албанското бирачко тело, туку уште повеќе го туркаат ВМРО-ДПМНЕ во националисичките води кон десно. Видовме на ТВ-дуелот Мицкоски немаше одговор на овој политички удар во плексус. Тоа е разбирливо кога пловите во водите на национализмот и самовообразениот патриотизам. За строгите Европјеци, посилен ефект од кластерите на Западен Балкан може да биде секој обид за создавање на режим сличен на Виктор Орбан, наречен демократски илиберализам. Македонските искуства од периодот 2006-2017 од страна на почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ,   претставуваа токму имплементација на демокраскиот илиберализам во државата. Новата методологија на ЕУ нема воопшто да ја почитува илибералната методологија на ВРМО-ДПМНЕ. Дури и да се случи изненадување и Мицковски  го добие мандатот за состав на новата влада, тешко е да се верува дека со оваа партиска методологија ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори на критериумите на новата методологија на ЕУ.

(Авторот е универзитетски професор)