Метлата, Фати Ме и Пушти Ме


Звонко Давидовиќ

Секој понеделник ми доаѓа дома жена што чисти. Ја знам со години и имам неограничена доверба во неа, впрочем како би ѝ го оставил целиот свој дом со сето во него, ако ја немам довербата. Кога се враќам од работа, домот свети, блеска и мириса на чисто, што би рекол народот наш. Но знам дека по Фатиме, така се вика жената што чисти, морам секоја ситница и украс да ги вратам на место. Сите оние украсчиња што сум ги влечкал од местата по белиот свет кај што сум бил се разместени и измешани. Не може грчки украс да биде меѓу германските ниту бразилскиот меѓу африканските, ама Фатиме не ја интересира многу ни внатрешната хармонија на домашните, ни меѓународната поделеност и тежината и големината на дреболиите, ни земјата на потекло. Таа има некој свој ред и гледање на работите, свој систем на чистење и употреба на метлата и воопшто не е важно што домашните мислат за тоа.
Терасите како надворешен дел од домот ги чисти со метла онака и онолку колку што е доволно да изгледа чисто, онака на прв поглед, а и зошто да се мачи повеќе кога следниот понеделник е пак тука да чисти, а надвор е градот толку валкан што за саат два терасите изгледаат чисто, а потоа се исти како и сиот град, валкани, полни со прашина. Во внатрешноста на домот метлата, пак, игра главна улога, каква правосмукалка какви бакрачи, само со метлата можеш ѓубрето под килим да го скриеш. И така оваа моја Фатиме со години.
Тамам сакав да ја искритикувам заради селективната метла и чистење, што би се рекло ко мачка со опаш, а таа ми вели – јас сум во тек со употребата на метлата, учам од најголемите кои го диктираат трендот за употреба на метлата. Не можеш со една метла толку ѓубре да истуркаш, ќе се скрши, а и метлите не се она што биле некогаш, поретки се, меки, се виткаат лесно и се кршат брзо, затоа метам внимателно и нежно.
Отворив уста да и се спротивставам, но ми текна на една друга метла со која друг чисти уште поголем дом од мојот и замолчив. Навистина метлата во последно време стана многу популарен инструмент за чистење и расчистување на својот двор и дом, но и на образот, ветувањето и довербата. Ќе заигра метла, викале старите кога требало некои работи, проблеми, а особено луѓе да се расчистат или исчистат, но денес кога ќе заигра метла повеќе не се однесува на истото она што старите го мислеле. Впрочем, 21 век е, па и поговорките се модернизирале, а алатките станале пософистицирани. Метлата повеќе не служи за чистење и расчистување туку служи за дигање на прашина која од едниот крај ќе се премести на другиот крај или за пикање на ѓубрето под килим, а кога ќе се слегне прашината сè ни изгледа почисто и проветрено, затоа што ѓубрето е под килим, а така е сè до следната метла и дигање на прашината. Метлата во судовите не заигра, дури ни прашина не дигна, таму дури ни метла немаат, а на судскиот совет не му пречи прашината и ѓубрето, свикнале со време. Во институциите на извршната власт метлата се користи од време на време, се спремаат сите како за генералка, ама на крај завршува со една – две метли и дигање на прашина која со отворање на прозорците и создавање провев брзо ја стабилизираат. Во Собранието ретко се чисти со метла, таму наместо прозорци се отвораат врати за провев, а за дигање на прашина се викаат од една многу сериозна фирма која користи ХТЗ-опрема во вид на фантомки како средство за невдишување на прашината.
Единствено во СЈО не е исто, таму се чисти со метла како Фатиме да работи и таму, а богами и сестра ѝ Пуштиме. Секоја недела се дига толку многу прашина што од толкав облак ништо не се гледа, само се слуша како темелно се чисти секој ќош, неселективно и сериозно. А, кога прашината ќе се слегне гледаш дека сè е пак исто, ништо од место не е мрднато како да не е ни чистено. Морам да признам дека во таа генералка во СЈО секој најден предмет се враќа, кому пасош, кому летување во Грција, кому касета со хитови 2014 или компилација на текстови за учење на албански јазик со разговорник и аудиоподдршка.
Луѓето на кои им се вратени пронајдените предмети се толку благодарни што одат секаде по светот и раскажуваат за домаќинскиот однос на СЈО, радувајќи се и извикувајќи сè и сешто како да се на натпревар. Се разбира, Фатиме и Пуштиме не чистат во СЈО во исто време туку се менуваат зависно од ситуацијата на теренот, количеството на прашина и политичката клима.
Во последно време слушам има забелешки на чистењето во СЈО, па се претпоставува дека ќе има и промени во хигиеничарскиот кадар, односно дека метлата ќе заигра и во СЈО. На Фатиме и Пуштиме ова не им е право и дури и јавно се бунат како кога било највалкано тие чистеле, а сега на чисто некој друг да дојде, не е фер. Најверојатно, како што тргнало, ќе има предлог метлата во СЈО да е доживотна, а потоа и наследна.
Раскажувајќи го сево ова, не можам да не се сетам на една приказна која една вечер ми ја раскажа еден припадник на специјалната единица „Тигар“ додека чекавме во судскиот ходник. – Добивме наредба да влеземе во една куќа за која постоеше сомневање дека се крие опасно лице барано по потерница – ми раскажуваше припадникот на единицата „Тигар“. – Влеговме во куќата некаде во раните утрински часови и се најдовме во долг ходник со по две врати од левата и десната страна. Јас застанав на средина контролирајќи го ходникот додека моите колеги ги проверуваа просториите лево и десно – раскажуваше понатаму. Како кој влегуваше во собите и ги проверуваше извикуваше „чисто“, кажувајќи дека нема никого и во тој миг на крајот на ходникот се појави баба во ноќница, збунета и преплашена – раскажуваше тој понатаму. – Во тоа неколкукратно извикување „чисто“ од лево и десно, што бабата сигурно го слушнала, сфатив дека во куќата има скали и за нагоре, па извикав „горе“, раскажуваше мојот соговорник. Во тој миг – продолжи мојот соговорник сега веќе низ кикотење – бабата ме погледна и гласно ми се обрати: „Сине, и горе е чисто, денес чистев“ – заврши со смеење приказната на припадникот на единицата „Тигар“.
Очигледно е дека секој има своја визија за метлата, чистењето, зборот и ветувањето, но и своја идеја за менталниот капацитет на народот. Само знам дека народот секогаш го има последниот збор и секогаш последен се смее, а метлата точно знае да ја употреби.