Мерц повикува на „убедлив план“ за да се спречи „бескрајна“ војна со Иран


 Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ги повика САД и Израел да обезбедат „убедлив“ патоказ за тоа како планираат да ја завршат војната со Иран, пренесе ДПА.

– Со секој изминат ден се појавуваат повеќе прашања отколку што се даваат одговори – рече Мерц на маргините на вежбата на НАТО во Норвешка, која ја набљудуваше заедно со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере и канадскиот премиер Марк Карни.

– Пред сè, станува сè појасно: потребен е убедлив план. Потребна е стратегија за приведување на оваа војна кон крајот. Немаме интерес за бескрајна војна – рече Мерц.

– Распадот на територијалниот интегритет, државноста и економската одржливост на Иран би имал сериозни последици и за нас. Затоа сега ни е потребна визија за мировен поредок – нагласи тој.

Претходно, Мерц ја критикуваше одлуката на САД привремено да укинат дел од санкциите за руската нафта за да се ублажат превирањата предизвикани на глобалните пазари од војната, тврдејќи дека тоа ги поткопува напорите за ставање крај на војната во Украина.

– Да се олеснат санкциите сега, од кои било причини, сметаме дека е погрешно – рече Мерц за време на заедничката прес-конференција со Стере на норвешкиот остров Андоја, 300 километри северно од Арктичкиот круг.

Мерц нагласи дека Русија и понатаму не покажува подготвеност за преговори за крај на војната во Украина што ја почна пред повеќе од четири години. „Затоа ќе продолжиме, и мораме, да го зголемуваме притисокот врз Москва“, додаде тој.

САД вчера издадоа привремена лиценца која им дозволува на земјите да купуваат руска нафта која е во транзит на море, додека Вашингтон се обидува да ги стабилизира енергетските пазари потресени од настаните на Блискиот Исток.

Мерц призна дека одлуката на САД ги изненадила останатите лидери на Г7, откако групата од седум водечки индустриски земји неодамна разговараше за опцијата за привремено укинување на санкциите за испорака на руски нафта и гас со американскиот претседател Доналд Трамп.

– Шест членки на Г7 беа многу јасни во својот став дека тоа не е вистинскиот сигнал што треба да се испрати. Потоа утрово дознавме дека американската влада очигледно одлучила поинаку – рече германскиот лидер.

Мерц исто така го исклучи германското учество во потенцијална меѓународна воена кампања за заштита на комерцијалната пловидба во Ормускиот Теснец, велејќи дека во моментов не гледа потреба за таква мисија.

Мерц вчера пристигна во дводневна посета на Норвешка. Тој и Стере ја набљудуваа воената вежба „Cold Response“ (Студен одговор) заедно со канадскиот премиер Карни.

Според норвешките вооружени сили, повеќе од 32.500 војници од 14 земји на НАТО учествуваат во вежбите во Норвешка и Финска, вклучувајќи и околу 1.600 припадници на германските сили. Вежбата доаѓа среде неодамнешните тензии околу обидот на Трамп да го купи Гренланд, кој е дел од НАТО сојузникот Данска, наведувајќи ги согледаните безбедносни закани од Русија и Кина на Арктикот.