Мекинро: Би сакал Ѓоковиќ и Алкараз да играат во финалето на УС Опен


Њујорк– Поранешниот американски тенисер Џон Мекинро изјави денеска дека би сакал Србинот Новак Ѓоковиќ и Шпанецот Карлос Алкараз да играат во финалето на последниот Грен слем турнир, УС Опен, пренесува Јуроспорт.

Алкараз моментално е прв на АТП листата со 20 бода повеќе од второпласираниот Ѓоковиќ. Тенисерите во кариерата одиграа четири меѓусебни натпревари, а годинава три. Годинава Ѓоковиќ го победи Алкараз во полуфиналето на Ролан Гарос со 6:3, 5:7, 6:1, 6:1 и неодамна во финалето на Мастерсот во Синсинати 5:7, 7:6 (9:7), 7: 6 (7:4). Шпанецот победи против Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон со 1:6, 7:6 (8:6), 6:1, 3:6, 6:4.

„Она што Алкараз го направи од почетокот на годината е неверојатно, на 20-годишна возраст се стави во ситуација кога многу луѓе го спомнуваат дека е во иста лига со Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Тој е најдобриот играч што сум го видел на таа возраст. Неверојатно е колку добар играч е тој. Неверојатно е колку добар играч сè уште е Ѓоковиќ“, изјави Мекинро.

Тој потсети дека Ѓоковиќ речиси две години не играше во САД.

„Сите сакаат повторно да го видат финалето меѓу Алкараз и Ѓоковиќ. Новак по речиси две години се врати на американските турнири, тоа е само фантастична приказна за нашиот спорт. Неверојатно е да се види најдобриот тенисер на сите времиња против млада суперѕвезда. Би сакал повторно да го видам тој натпревар. Нивните претходни дуели беа неверојатно возбудливи и напнати, да продолжиме така“, изјави Мекинро.

Утре ќе се одржи ждрепката за УС Опен, а турнирот во Њујорк ќе се игра од 28 август до 10 септември. Алкараз ја брани титулата на УС Опен.