„Меѓаши“ прославува 27 години од постоењето

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска го слави својот 27-ми роденден. Меѓаши е најстара граѓанска организација во земјава за заштита на правата на детето, основана на 29 април 1992 година во Скопје. Таа ги застапува и заштитува правата на децата, се залага за одговорно родителство и почит кон детската личност. Нејзиното главно мото е „Сите идеали на светот се побезначајни од солзите на едно дете“.

Меѓаши континуирано работи на зајакнување на граѓанското движење за доброто на децата и функционалност од страна на институциите во најдобар интерес на детето. Амбасадата го промовира мировниот активизам и волонтерство, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство.

-Во изминатиот период (1992-2019), Амбасадата ја остварува својата дејност спроведувајќи мониторинг на детските права и промоција на правата на детето во Република Македонија и пошироко, застапувајќи ги потребите и интересите на децата пред институциите и пошироката јавност; преземање иницијативи за унапредување на законската регулатива за заштита на децата во Република Македонија и нејзина имплементација како и активности за институционализација на мировното образование. Овие домени остануват од примарен интерес и во наредниот период, велат од Меѓаши.

Нагласуваат дека нивни клучни вредности и принципи во работењето се: Партиципација (учество, вклученост) на децата и возрасните во процесите на одлучување за прашања кои се од нивен интерес; Волонтерски пристап во заштитата на правата на децата; Промовирање и практикување на мир, ненасилство и почитување на ставовите и однесувањата на другите; Еднакви можности за сите во остварувањето и почитувањето на нивните права; Отчетност, одговорност и непартизираност во работењето на организацијата.