Мегарапторан – во Аргентина откриен, досега непознат диносаурус

Научниците во Аргентина открија остатоци од претходно непознат диносаурус од мистериозната група мегарапторани


 

Фосилот, за кој се претпоставува дека му припаѓал на животно долго околу седум метри, датира од пред 66 до 70 милиони години, односно непосредно пред истребувањето на диносаурусите. Кога умрел, диносаурусот имал најмалку 19 години, но причината за смртта сè уште е непозната.

Истражувачите пронашле делови од череп, раце, нозе и опашка во патагонската карпеста формација на езерото Колхуе Хуапи. Тие забележале уникатни карактеристики на коските што ги навеле да заклучат дека станува збор за нов вид. Особено интересно откритие била коската на предната нога на древен роднина на крокодил, притисната на вилицата на диносаурусот, што би можело да открие повеќе за неговата исхрана.

Мегараптораните живееле во денешна Јужна Америка, Австралија и делови од Азија, еволуирајќи во различни видови во текот на милиони години. Тие биле препознатливи по своите издолжени черепи и „огромни и силни канџи“, истакнуваат научниците.

Новиот вид е наречен Хоакинраптор касали. Палеонтологот Лучио Ибирицу од Патагонискиот институт за геологија и палеонтологија го дал името во спомен на неговиот починат син Хоакин. „Ова откритие пополнува голема празнина бидејќи дава еден од најкомплетните скелети на мегарапторани досега“, рече Федерико Агнолин од Музејот за природни науки Бернардино Ривадавија во Аргентина.

Резултатите од истражувањето беа објавени во списанието „Нејчр Комуникејшнс“, пренесува Скај њуз.