Медиумските слободи не смее да бидат половични


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Најмалку 95 новинари ширум светот настрадале вршејќи ја својата работа во текот на 2018 година. Тоа е новата поразителна бројка со која се соочуваме и годинава на меѓународниот Ден на слобода на медиумите.
Меѓународната федерација на новинари се огласи со оценка дека нетолеранцијата, популизмот, криминалот и корупцијата се фактори што придонесуваат за атмосфера во која повеќе новинари се убиени при известување во своите земји отколку во воените зони. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пак, порача дека ниту една демократија не е целосна без пристап до транспарентни и веродостојни информации.
Кога ќе се земат предвид сè уште непопуларните трендови во глобални рамки во однос на слободата на говорот и медиумите, утешителен е донекаде податокот дека нашата земја бележи скок од 14 места според последниот индекс на слобода на медиумите на „Репортери без граници“. Со тоа Македонија се наоѓа моментно некаде на средината на листата, односно на 95 место од вкупно 180 земји.
Таа „златна средина“, сепак, не е нешто што треба да се земе како здраво за готово, за да може да се заспие на ловориките на постигнатиот напредок на листата на „Репортери без граници“. Тој резултат, всушност, треба да претставува почетна точка за понатамошно унапредување на состојбите во медиумската сфера, бидејќи пред да почнат да паѓаат медиумските слободи и стандарди нашата земја беше пласирана шеесетина места погоре – на 36 место во 2007 година! Од денешна перспектива такви медиуски слободи и стандарди излгедаат речиси неверојатно за нас, кога само 15 места не делеа од една Германија.
Слободата на медиумите пак е основниот показател и критериум за нивото на демократија во општеството и за заштитата на човековите права. Но тој критериум не може да се исполни во целост во атмосфера која значително влијае на интегритетот на новинарската професија, односно во ситуација на нерешен социјален статус на многу новинари, примања што во голем дел се далеку под републичкиот просек, во отсуство на норми кои би овозможиле систем на кариера во медиумите, а претходно и исполнување на одредени критериуми за влегување во професијата. Ваквите состојби, всушност, придонесоа и за инфлација од медиуми во земјава, а од друга страна и за девалвација на професионалните и етичките принципи во извршување на дејноста, при што вреди да се спомене и наездата од лажни вести и медиуми, како проблем од глобално значење, кој овозможува создавање искривени слики за реалноста.
Од тој аспект, прашањето за слободата на медиумите не е нешто со кое треба да се занимаваат само еден или двајца министри – за транспарентност и отчетност, за евроинтеграции или за информатичко општество. Прашањето за состојбите во медиумите и нивното влијание на вкупната слобода на говор во земјата е покомплексно, така што заслужува да се најде и во фокусот на Министерството за труд и социјална политика, во делот на решавањето на социјалните проблеми со кои се соочува новинарската фела и можностите за потпишување колективен договор со синдикатите, како тема што со години само се тркала. Покрај еснафските организации, во создавањето услови за уште поголема слобода на медиумите во земјава треба да се вклучи и Министерството за внатрешни работи, со оглед дека и натаму неретко се регистрираат случаи на напади врз новинари и на говор на омраза.
Најновата позицијата на нашата земја на листата на „Репортери без граници“, всушност, е показател дека ако постои политичка волја за дистанцирање на центрите на моќ од медиумите и за обезбедување уставно загарантираното право за слобода на говорот и мислата, не е потребно многу време за работите да почнат да се придвижуваат кон подобро. За тоа секако придонесе и отсуството на владини реклами во медиумите и зајакнатата свест дека политичките притисоци врз новинарите на крајот стануваат контрапродуктивни за оние што ги испорачуваат.
Очигледно, далеку сме од тоа дека состојбите со медиумите во земјава преку ноќ станаа розови. Во овој сегмент, нашата држава секако дека сè уште може само да сонува атмосфера како, на пример, во Норвешка која и годинава е на врвот на листата според индексот на слобода на медиумите, а за која е забележано дека медиумите се слободни и новинарите не подлежат на цензура. Насилството врз новинарите и медиумите е ретко, иако се пријавени неколку случаи на расистичко сајбер-малтретирање.
Не е голема утеха ни тоа што овој пат сме за дополнителни 14 скалила понапред од 180 (последнорангирана) земја на листата – Туркменистан, која го заслужи неславниот епитет за катастрофална состојба со слободата на говор поради контролата на тамошната влада врз сите медиуми и ретките можности за пристап до интернет само преку високоцензурирани верзии. Притоа посебна приказна се постојаните вознемирувањето на неколкумина новинари кои работат тајно за медиуми во странство, а за кои има податоци дека во последниве години се апсени, мачени, физички напаѓани или на друг начин принудувани да престанат да работат. Всушност, и покрај сите фалинки во однос на слободата на медиумите на домашен терен, Македонија, за среќа, и во своите најцрни денови од аспект на слободата на медиумите, беше далеку од такви алармантни примери, како во Туркменистан. Таквите примери, сепак, треба да се сфатат како предупредување дека секојдневно треба да се вложува во подобрување на состојбите во медиумската сфера и во континуитет да се негува слободата на говорот и на мислата.