Масовни пребези од партијата на Берлускони во друга десничарска формација
Досега 12 парламентарци ја напуштија Форца Италија да ѝ се приклучат на партијата на градоначалникот на Венеција
Партијата на Силвио Берлускони, Форца Италија, е потресена од големите пребези кон новата политичка сила на десниот центар.
Новата групација, Кораџо Италија – лансирана од независниот градоначалник на Венеција, Луиџи Бруњаро и десноцентристичкиот гувернер на Лигурија, Џовани Тоти – во четвртокот изјави дека имаат за цел „да им дадат глас на либералите и умерените кои не се доволно застапени во десно-центар“.
Кораџо Италија веќе има 24 пратеници и седум сенатори, од кои 12 од партијата на Берлускони, како и четворица од движењето 5 Ѕвезди и еден од крајно десничарската Лига. Од 945 италијански парламентарци, нешто помалку од 250 ги сменија партиите во овој законодавен дом.
Бруњаро, кој управува деловна империја за човечки ресурси со обрт од стотици милиони евра и е сопственик на популарен кошаркарски тим, во локалните медиуми е нарекуван како венецијански Берлускони.
Тоа е лоша вест за 84-годишниот Берлускони, кој беше во и надвор од болница во последните месеци и кој претрпе сериозна инфекција од корона вирус минатата есен.
Поддршката за Форца Италија е преполовена од 14 проценти на изборите во 2018 година на околу 7 проценти според неодамнешните анкети, а здравјето на Берлускони е главна грижа за она што во основа е партија заснована на личност.
Бруњаро на прес-конференција во четвртокот во парламентот рече дека им посакува „сè најдобро на Форца Италија и другите партии на десниот центар“, но дека е време за ново движење да ја преземе работата.
„Благодареност на Берлускони, тој беше смел, но сега треба да гледаме напред, ние сме во друга ера“, рече Бруњаро. „Ние не сме против никого, велиме благодарност, но мора да гледаме кон иднината, потребни ни се млади луѓе“.
Групата ќе продолжи да ја поддржува владата на националното единство, рече нејзиниот лидер во парламентот, Марко Марин. „Ова е најдобра влада и заслужува да оди напред. Тука сме да му помогнеме на премиерот Марио Драги, кој е најспособната личност “.
Никола Лупо, директор на Центарот за парламентарни студии на Универзитетот Луис во Рим, рече: „Во текот на изминатите 10 години се интензивираа обидите да се постави структура слична на Форца Италија за ерата по Берлускони. Овој потег сега изгледа како добар тајминг, со здравствената состојба на Берлускони и огромното владино мнозинство, што им дава на пратениците поголема флексибилност за промена на партијата“.
„Италија весла кон непозната дестинација, бидејќи Драги веќе утврди големи промени во политичкиот систем, а други, најверојатно, ќе се случат во пресрет на претседателските избори во 2022 година“. (Политико)