Маск најави брзо завршување на планираното намалување на сојузните трошоци

Технолошкиот милијардер Илон Маск, кого американскиот претседател Доналд Трамп го ангажира за да ја намали бирократијата на владата, синоќа изјави дека најголемиот дел од работата за намалување на федералните трошоци за 1 трилион долари ќе биде завршена до крајот на неговиот мандат, односно за 64 дена.
Маск за Фокс њуз изјави дека верува дека неговиот Оддел за владина ефикасност (ДОГЕ) може да заштеди 1.000 милијарди долари, намалувајќи го сегашното вкупно ниво на федерални трошоци, што е приближно 7.000 милијарди долари, на 6.000 милијарди.
Маск, најбогатиот човек на светот, беше назначен од Белата куќа за „специјален вработен во владата“, што го ограничува неговиот мандат на 130 дена, што значи дека неговото раководство во операциите на ДОГЕ би можело да заврши најрано на крајот на мај.
– Мислам дека ќе завршиме најголем дел од работата потребна за да го намалиме дефицитот за трилион долари во таа временска рамка. Владата е неефикасна и има многу расипништво и измами, така што ние сме уверени дека може да се направи кратење од 15 проценти без да влијае на ниту една од критичните владини служби, рече Маск.
ДОГЕ проценува дека веќе им заштедил на американските даночни обврзници 115 милијарди долари со намалувањата што ги направи од 24 март, преку мерки кои вклучуваат намалување на работната сила, продажба на средства и откажување на владини договори. Сепак, според светските агенции, вкупните заштеди пријавени на веб-страницата на ДОГЕ не се проверливи и неговите пресметки се преполни со грешки и корекции.
Експертите за буџет, сепак, велат дека Маск не може да ја постигне својата цел за намалување на трошоците без да навлегува во програмите за права, како што е социјалното осигурување, за кои Трамп вети дека нема да ги намалува.