Маск ја поддржа АфД во авторски текст во Велт ам Зонтаг, уредникот на рубриката поднесе оставка


Илон Маск

Американскиот милијардер Илон Маск ја поддржа германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (AfD) во напис за Велт ам Зонтаг (Welt am Sonntag) објавен во саботата.

Во знак на протест, уредникот на рубриката поднесе оставка. Во коментарите објавени на германски од водечкиот весник на медиумската групација Аксел Спрингер, Маск ја прошири својата објава на платформата Х во која изјави дека „само АфД може да ја спаси Германија“.

„Прикажувањето на АфД како крајна десница е очигледно неточно, со оглед на тоа што лидерката на партијата Алис Вајдел има истопол партнер од Шри Ланка! Дали тоа ви звучи како Хитлер? Ве молам!“, напиша Маск.

Во 2021 година, домашната разузнавачка агенција на Германија ја класифицираше АфД како екстремна на национално ниво.

Набргу по објавувањето на статијата на интернет, колумнистката Ева Мари Когел преку мрежата Х напиша дека поднела оставка.

Идниот главен уредник на групата Велт, Јан Филип Бургард, се спротивстави на изјавите на милијардерот во неговиот сопствен авторски текст, објавен заедно со оној на Маск.

Бургард рече: „Дијагнозата на Маск е точна, но неговиот терапевтски пристап, дека само АфД може да ја спаси Германија, е фатално погрешен“.

Други новинари на Велт, исто така, јавно го објавија своето незадоволство од Х.

Маск го бранеше правото да влијае на германската политика поради неговите „значајни инвестиции“ и ја поддржа АфД пред парламентарните избори на 23 февруари следната година, кои ќе се одржат по падот на коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц.