Маск ја осуди одлуката на францускиот суд против Марин Ле Пен

Американскиот мултимилијардер Илон Маск ја осуди одлуката на Францускиот суд против Марин Ле Пен, опишувајќи ја пресудата против неа како „злоупотреба на судскиот систем“.
Маск предупреди дека ќе има „соодветна реакција“, како по „судските напади“ против американскиот претседател Доналд Трамп.
„Кога радикалната левица не може да победи преку демократско гласање, таа го злоупотребуваат судскиот систем за да стави во затвор своите противници. Ова е нивниот modus operandi (метод на криминално дејствие) ширум светот“, напиша Илон Маск на својата социјална мрежа „Икс“.
„Ќе има реакција, како и со правните напади против претседателот Трамп“, додаде милијардерот.
Европскиот парламент е информиран за одлуката на судот во Париз, кој донесе пресуда за измама (во случајот против Марин Ле Пен), истакна денеска на прес-конференција портпаролот на институцијата, одговарајќи на новинарско прашање.
Портпаролот истакна дека ЕП е странка во случајот, како и во други слични случаи. „Целта на ЕП е да ги заштити јавните фондови и буџетот на ЕУ според утврдените правила“, додаде портпаролот.
Според него, нема да се даваат дополнителни коментари на оваа тема, а институцијата не планира детално да ја оценува пресудата.
Лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен денеска е осудена на четири години затвор и доби петгодишна забрана за вршење јавна функција, како и парична казна од 100.000 евра. Таа беше прогласена за виновна за проневера на средства од европски фондови и ќе поднесе жалба на пресудата.