Маричиќ не гледа назадување, но се согласи со оценките на ЕУ за недостигот од прогрес


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја отфрли забелешката дека во извештајот на Европската комисија за Македонија има оценка – назадување. 

-Јас не видов збор „назадување“ во извештајот, тоа е ваше слободно толкување. Комисијата дава објективен пресек на напредокот, но и на слабостите. Имаме напредок во  80 отсто од поглавјата, а ниту во едно не е нотирано назадување. Општата оценка е добро ниво за 2023 година и е солидна константа веќе неколку години наназад. Во делот на кластерот фундаментални вредности се нотира дека државата испорачува резултати, изјави Маричиќ на заедничката прес конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир. 

Иако потврди дека извештајот нотира слабости, неговиот став беше дека тоа ќе биде дополнителен поттик за Владата да ги продолжи реформите. Дека, според него, одговорноста за немањето прогрес во клучните области не е само на власта, тој го аргументираше со фактот дека токму Владата побара од ЕУ  да подржи ветинг во сусдството, а неколку месеци наназад да испрати и оценска мисија за состојбите во Судскиот совет, а сега е подготвена да направи се препораките што ќе дојдат од Брисел да се имплементираат. Запрашан најдиректно од новинарите кој е најодговорен за лошите оценки во судството, околу борбата со корупцијата и европското знаменце, Маричиќ го впери прстот во ВМРО-ДПМНЕ. 

-Ако треба да определам кој е главен виновник, сигурен сум дека тој може да се лоцира во политичката структура која ја блокира државата веќе 8 години“, рече Маричиќ посочувајќи на блокадата на Преспанскиот договор, па на блокадата на уставните измени и, како што рече, блокадата и за заеми и грантови од ЕУ, при што постоела  и наредба низ општините управувани од оваа партија – да не се користат европски пари.

-Не велам дека немаме недостатоци, дополни Маричиќ, но сметаше дека извештајот е добра прилика  да се најдат решенија  за многу прашања. Според него, изборот на директор на ОТА во Собранието со двотретинско мнозинство и изборот на членовите на новата ДКСК се таква шанса, практично сугерирајќи меѓу редови на евродипломатите и на Гир дека ни наметнуваат услови во процесот што се мачни и тешко остварливи низ нормална процедура, па не критикуваат потоа за политичките пазарења. 

Во тој стил, помалку или повеќе тој се правдаше и за употребата на европското знаменце, оценувајќи дека ако се усвои новиот деловник на Собранието (кој исто така е блокиран) може да се случи тоа воопшто да не се употребува, бидејќи ќе се укине можноста секој пратеник да може да блокира било кој закон ставен во процедура. Вака, според него, има  закони за судството за кои стои оценка „нема прогрес“ во извештајот, а кои се во процедура веќе две ипол години во парламентот и се блокирани со амандмани.

Околу прашањето дали оценката „нема прогрес“ во клучните политички критериуми може да го загрози почетокот на преговорите со ЕУ, Маричиќ рече дека тоа е лажна дилема, дека „ние веќе преговараме“ и дека прашањето е дали ќе продолжиме, а  тоа не зависи од  извештајот туку од исполнувањето на уставните измени. 

-Ние ги почнавме преговорите, прашањето е дали ќе ги продолжиме и тоа зависи од уставните измени. Ние недостатоците ги ставаме во листа на наши задачи во текот на преговорите, а дали ќе отидеме во наредна фаза зависи само од уставните измени. Во текот на преговорите мораме да работиме на овие теми. Не постои проблем во овој извештај што не можеме да го решиме во текот на преговорите со ЕУ, но за тоа да го направиме важно е да ја завршиме обврската со уставните измени, изјави Маричиќ.

За разлика од него, евроамбасадорот Дејвид Гир ги наброја областите за кои „нема прогрес“ во извештајот,а потоа ги наброја и тие во кои има напредување. 

-Извештајот е искрен, но правичен. Со него ние сакаме да ги охрабриме властите, државните инстутуции, како и сите политички актери да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите во интeрес на граѓаните и во интерес на патот кон членство во ЕУ, рече Гир.

Општиот заклучок, во политичкиот дел, според него е дека Македонија „продолжила со напорите  да ја зајакне демократијата но со значајни предизвици во владеењето на правото“. Набројувајќи ги слабостите тој  ја нарече „активна“ блокадата на Собранието, употребата на европското знаменце „злоупотреба“ (вперувајќи го прстот пред се во измените на Кривичниот законик и законот за Бехтел и Енка), смените во Судскиот совет „контроверзни“, а корупцијата како причина за „загриженост“, бидејќи е присутна во многу области. Како причина пак за „сериозна загриженост“’ ги посочи измените на Кривичниот законик бидејќи ги ставаат под прашалник и идните гонења на криминалот и корупцијата. Покрај другите области, тој спомна  дека нема и транспарентност  за платеното политичко рекламирање. Како позитивни постигнувања ги посочи решавањето на проблемот на лицата без државјанство, справувањето со организираниот криминал, справувањето со миграцијата, економската и монетарна политика, социјалната политика и околу работничките права, како и надворешната политика.

  Извештајот, потенцираше Гир, доаѓа во време на значајна динамика во проширувањето, особено по незаконската руска агресија во Украина… Потврда за тоа се, рече евроамбасадорот, вчерашните историски препораки за почеток на преговорите со Украина и Молдавија. 

-Сакаме Северна Македонија да ја искористи оваа динамика, Извештајот доаѓа и во контекст на можности особено со предлогот на Комисијата за Планот за раст за Западен Балкан. Сакаме Северна Македонија да ја искористи оваа можност, порача Гир.  

Вицепремиерот Маричиќ додаде дека „земјата ги продолжува напорите за ЕУ реформите и секојдневно работи на исполнувањето на европските стандарди, што е нотирано и со овој најнов Извештај за реформскиот напредок за Северна Македонија“.

-Ги прифаќаме укажувањата во извештајот и ги сметаме за важен показател за нашиот напредок. Процесот на европска интеграција е прашање околу кое треба да имаме обединет пристап, бидејќи темпото на реформите најмногу зависи од нашата посветеност, искрен пристап и широкиот консензус во општеството. Одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвесност и реформскиот процес според ЕУ стандарди, посочи вицепремиерот. 

За него нема никакви дилеми дека одлуката е во наши раце и дека само од нас ќе зависи секој следен чекор во процесот и динамиката на преговорите.

-Во исклучително сложени геополитички околности и регионални тензии и со внатрешната неизвесност околу продолжувањето на овој европски интеграциски процес, прифаќањето на уставните измени остануваат предуслов кој не можеме да го прескокнеме, потенцираше Маричиќ, нагласувајќи дека  е „лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција дека Северна Македонија може да постигне подобар договор во иднина“.

Тој исто така силно го поздрави објавениот План за раст на економиите на Западен Балкан, порачувајќи дека за првпат имаме резервирани пари поврзани со реформите (една милијарда евра само за Македонија) кои ќе помогнат да се зајакне нашата и регионалната економија , а со тоа и побрзо да се намалат значајните разлики со економиите на земјите членки од ЕУ. Со планот за раст, додаде тој, се овозможува пристап до европскиот заеднички пазар. Тоа значи дека нашите производи и услуги ќе почнат да се пласираат на единствениот европски пазар под исти услови како и за државите членки на ЕУ и пред нашето официјално членство во ЕУ. 

-Планот за раст е резултат на нашите барања и заложби. Ние веќе подолго време како држава кандидат баравме од ЕУ, а бараа и другите држави од регионот,да можеме да користиме придобивки и можности од зачленувањето во ЕУ  пред да станеме членка, односно додека траат преговорите. Се сеќавате дека тоа беше и тема на забрзана интеграција или повеќе интеграција пред членство веќе подолг период. Заедничка цел, наша и на ЕУ, е до април 2024 година да се направи  првиот трансфер на средства кон Северна Македонија и кон другите земји во регионот на Западен Балкан. Тоа значи дека ако продолжиме и забрзаме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од овој нов пакет веќе може да го имаме за пет месеци од сега, рече Маричиќ.

Непосредно пред прес конференцијата шефот на дипломатијата Бујар Османи објави „добра вест“ од Брисел по првиот извештај без политички прогрес на оваа власт.

-Северна Македонија е поканета да ги подготви патоказите за владеењето на правото и за реформа на јавна администрација за отворање на Кластер 1 – Темели, напиша Османи објавувајќи дека вчера Советот на ЕУ го усвоил писмото со кое ќе ја повика нашата држава да ги подготви овие два документа кои се битни за процесот, но нема да бидат употребливи ако не се направат уставните измени во земјата.