МАНУ сочувствува со настраданите во Кочани, го одложува Годишното собрание


Фото: Б. Грданоски

Македонската академија на науките и уметностите изразува длабока тага и неверување од последиците по трагичниот настан во Кочани од незамисливи размери, во кој пламените јазици покосија многу млади животи.

Изразуваме искрено и длабоко сочувство до семејствата на настраданите, свесни дека не постојат зборови на утеха за родителите и најблиските. Во овие мигови, кога молкот и солзите зборуваат погласно од говорот, можеби е крајно време да најдеме сили и да вложиме напори во бескомпромисна борба со корумпираноста и самоволието на поединци. За жал, изгубените млади животи не можеме да ги вратиме, но ние, повозрасните, можеме да научиме уште една лекција повеќе и да станеме поодговорни, похумани, посовесни и општествено посвесни, заради нашите деца, заради нивната иднина.

Во овој мачен миг на колективна тага и болка, Академијата ја известува македонската јавност дека во знак на почит кон загинатите и прогласените денови на жалост, ги одложува сите планирани активности, како и одржувањето на редовното Годишно собрание на МАНУ закажано на 19 март 2025 г.

Воедно, Македонската академија на науките и уметностите им се заблагодарува на сите соседи и пријатели во Регионот и пошироко, за укажаната несебична помош и хуманост и ги пренесуваме изразите на најдлабоко и најискрено сочувство до семејствата на настраданите и желбите за брзо закрепнување на повредените од Српската академија на науките и уметностите.