Малта ќе им плаќа на туристите по 200 евра ако останат барем три дена


Малта планира да им понуди на странските посетители по 200 евра доколку летово останат најмалку три дена на медитеранскиот остров, пренесува Ројтерс.

Министерот за туризам Клејтон Бартоло ја објави шемата во петокот, велејќи дека со повеќето ограничувања за ковид, кои се очекува да бидат укинати до 1 јуни, туристите кои резервираат летни одмори директно преку локалните хотели ќе ја добијат оваа парична помош. Туризмот сочинува повеќе од 27 отсто од економијата на Малта, но секторот е прикован поради пандемијата.

Бартоло рече дека туристите кои резервираат сместување во хотел со пет ѕвезди ќе добијат 100 евра од Управата за туризам на Малта, ахотелот ќе надомести до вкупно 200 евра.

Во сличен аранжман, оние што ќе се определат за хотел со четири ѕвезди, ќе добијат вкупно 150 евра, а оние кои ќе резервираат хотел со три ѕвезди, 100 евра.

Малта има најголема стапка на вакцинирање против вирусот во Европската унија, барем една доза добиле на 42% од возрасните. Таа забележа голем пад на новите случаи на Ковид-19, со стапка на позитивни примероци од 2,6 отсто, а владата ја повикува ЕУ да воведе вакцинални пасоши за да се олесни патувањето.

Бартоло рече дека разговарал и за поттикнување на патувањето помеѓу Малта и Велика Британија, чии жители сочинуваат една третина од туристите во поранешната британска колонија.