(Видео) Нема договор за Гоце Делчев, новите предлози ќе се расправаат во декември


Фото: Б. Грданоски

На дводневната средба на македонско-бугарската историска комисија имало одреден напредок, главно околу учебниците

 

Постигнавме напредок, но толку мал што не можам да го наречам чекор туку стапка напред, ги сумираше резултатите од средбата на Македонско-бугарската комисија за историски прашања бугарскиот шеф на тимот, Ангел Димитров, кој за да ја опише уште подобро атмосферата направи метафора: дека разговорите биле како денешниот ден, сив, дождлив, со повеќе облаци, дожд и по некое кратко сонце.

Освен една договорена препорака околу браќата Св. Кирил и Методиј, за која се согласиле дека се словенски и христијански просветители,  другите теми, вклучувајќи го и спорењето околу Гоце Делчев, останале за разгледување на идната средба закажана за 3 и 4 декември. Договорени биле и пет средби за идната година, ако дозволи ситуацијата со епидемијата.

Околу најспорното прашање, Гоце Делчев, имало нови предлози и идеи на маса кои треба да се разгледуваат до идната средба што ќе се одржи во Софија, што значи дека договор за нив не е постигнат.

Димитров негираше дека Комисијата воопшто расправа за македонскиот јазик бидејќи тоа прашање, како што рече, не е за историчари туку за лингвисти и не е дел од нивниот мандат.

Според него, политичарите одамна се инволвирани во процесот преку заедничкото одбележување на Денот на просветителите, Илинден, заедничките полагања венец на гробот на Гоце Делчев, но беше дециден дека никој не може на Комисијата да ѝ дава рокови, дека на неа не се преговара туку се води научна дискусија и дека тие како  историчари треба да се држат до фактите и да останат историчари, а не политичари.

„Има мали стапки, поместување на напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса. Молам за трпение и поголема емпатија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите“, рече копретседавачот на комисијата од македонска страна Драги Ѓоргиев.

За проблемот со Гоце Делчев, Ѓоргиев, за кој рече дека е главна пречка да се постигне напредок, нагласи дека разговорите покажале дека не секогаш желбите се остваруваат како што се испланирани.

„За учебниците постигнавме суштински напредок, остваривме една препорака која натаму ќе треба да ја разгледаат бугарските колеги. За Гоце Делчев дискутиравме, има на маса нови предлози, идеи и тие ќе продолжат да бидат тема за разговор на идната средба. Тој текст е на маса, тоа е работна верзија и ќе биде во фаза на разгледувања не би сакал да зборувам за тоа“, рече Ѓоргиев. 

Димитров пак негираше дека воопшто разговараат за идентитетот на Гоце Делчев, без да објасни тогаш за што.

„Идентитетот на Гоце Делчев го определил тој, не ние. Очекувам одговорно поведение за да стигнеме до ситуација во која ќе немаме повеќе проблеми“, рече Димитров, додавајќи дека новите предлози и идеи не се ништо ново што не дискутирале досега.

„Ништо ново, нема сензации, тоа што досега го разговаравме“, рече Димитров.

Запрашан генерлно дали ќе даде оценка дека работата на Комисијата е доволно конструктивна за да бугарската влада даде зелено светло во Брисел за преговорите со Македонија, Димитров посочи дека од 14 забелешки усеале да најдат заедничка позиција само за три, а преговараат една и пол година. Така што, рече тој, ќе биде многу тешко да даде позитивна оценка, туку ќе ја каже реалната состојба со разговорите, но додаде дека дури и да има малку сонце, тоа е позитивен факт.

Ѓоргиев пак оцени дека ставањето на работата на Комисијата на врвот на Договорот за пријателство и добрососедство е контрапродуктивно за нивната работа, бидејќи во него има многу други членови кои треба да се исполнат и да ја релаксираат нејзината работа.

Запрашан зошто Бугарија не го почитува  договореното за Кирил и Методиј и 24 мај како Ден на словенските просветители, Димитров одговори дека никој во Бугарија не кажал дека Кирил и Методиј се бугарски просветители. Улогата на Бугарија, според него, е што го развила нивното дело и го воспоставила празникот 24 Мај, што го прифатиле потоа другите словенски нации и тие само сакаат да им се признае тој придонес. (С.Ј.)