Максим Димитриевски: Во Македонија има апархејд, власта ги има сите права а граѓаните не


 

„Живееме во екстремно централизирана држава каде што локалните власти немаат големи можности за да манифестираат и реализираат сериозни проекти бидејќи парите генерално се централизирани во државата, а централната власт максимално од ден во ден ги злоупотребува со голем број на афери коишто се секојдневие. Сметам дека треба да се влезе во процес за да се ослободи државата. Македонија во моментов се трансформира  во приватен облик на владеење, приватна држава“, изјави денеска градоначалникот на Општина Куманово и лидер на новиот политички субјект ЗНАМ, Максим Димитриевски. 

Според Димитриевски, Македонија како држава се претворила во апартхејд и токму поради начинот на владеење од актуелните политички структури.

„Гледате дека сега во последниот период се употребува зборот апартхеид, Македонија всушност живее во еден политички апартхеид каде што политичката елита којашто владее и е на власт во моментов, всушност ги ужива сите права, додека сите останати не ги уживаат истите права како и власта“, дополнува тој. 

По официјалното потпишување на иницијативата за формирање политички субјект ЗНАМ – За наша Македонија, Димитриевски вели дека одржале основачко собрание, ги предале потребните документи пред надлежен државен орган за регистрација на субјектот, процес којшто сеуште трае. 

Тој истакнува дека неговите ставови се левичарски, особено во делот на економските и социјалните политики во државата, а што се однесува до националниот пристап, порачува дека тие одат кон центарот, повремено и десно, бидејќи како што вели, на никој не му е забрането да биде патриот.