Македонско-полски бизнис форум: Меѓу двете земји нема отворени прашања, туку само отворени можности


Имунизација, соработка и вложување во иден развој за економско пост-ковид закрепнување – пораки од економскиот форум

 

Енергетиката, рударството, туризмот, земјоделството и екологијата се областите во кои постои голем потенцијал за интензивирање на економската соработка меѓу Полска и Северна Македонија. Двете земји немаат отворени прашања, а нивните добри политички односи се основаат за јакнење на деловните односи, беше речено на денешниот Македонско-полски бизнис форум.

Форумот го отворија претседателите на двете земји, Стево Пеновски и Анджеј Дуда, а беше потпишан и Меморандум за разбирање за зајакнување на бизнисот и подобрувањето на инвестициите.

-Со Полска и полскиот народ имаме традиционално добри односи, меѓу двете земји нема отворени прашања, туку само отворени можности. Не смееме да чекаме подобри времиња за да ја започнеме соработката. Проверувачите ќе останат само ако час поскоро почнуваме да соработуваме, рече Пендаровски во прашањето.

Тој апелира стопанствениците да го искористат потпишувањето на Меморандумот и да се фокусираат на остварување на неговите цели.

 

-Ме радува што некои важни полски компании веќе се пробиваат на македонскиот пазар. Денеска ќе направиме уште еден значаен чекор во таа насока. Меморандумот за разбирање ќе биде зголемена динамиката во соработката. Очекувам бизнис заедниците на двете држави да ја искористат оваа можност, рече шефот на државата.

Соработката може да има и регионална компонента ако се земе предвид дека Полска е земја-членка на Вишеградската група и на Иницијативата „Три мориња“, додека Северна Македонија е дел од „Отворен Балкан“.

-Нашите две држави можат да имаат канал за продажба на производи и услуги на пазарите кои се дел од овие регионални иницијативи, рече Пендаровски.

Земјава има стопански гранки и компании со квалитетни производи и услуги од сферата на индустријата и прехранбената индустрија, додаде претседателот Пендаровски посочувајќи ги високо квалитетните вина кои имаат добиено награди на светските вински саеми. Во последните неколку години, дополни Пендаровски, Полска е на високото четврто место според бројот на странски туристи што ја посетуваат Северна Македонија. Културниот и духовен центар Охрид е привлечна дестинација за многу Полјаци.

Шефот на државата се осврна и правната рамка, како на договорите за одбегнување на двојното оданочување и за заемна заштита на инвестициите. Стопанската комора на Северна Македонија и полската Стопанска комора негуваат долгогодишна формална соработка. Од 2018 година е воспоставена и редовна авио-линија меѓу Скопје и Варшава, а има и чартер летови од Варшава и Катовице до Охрид.

Пендаровски нагласи дека имунизацијата, соработката и вложувањето во човечкиот капитал се клучни фактори од кои ќе зависат пост-ковид закрепнувањето на националните економии.

Според него, како и целиот свет, така и Северна Македонија минува низ тежок период. Стопанството претрпе големи промени и иако релевантните институции предвидуваат економски раст, сепак, се уште се соочуваме со предизвици и турбуленции.

-Колку повеќе населението е имунизирано, толку побргу ќе може да се врати динамиката на економската активност. Вториот фактор е соработката. Како што за соработката и солидарноста меѓу државите е клучна за справување со пандемијата, така и соработката меѓу компаниите е неопходна за надминување на економската криза. Вие преку вашите успешни бизнис резултати ја создавате реалната вредност од која зависи економското закрепнување. Третиот фактор е вложувањето во идниот развој. Државите што инвестираат во човечкиот капитал полесно може да ја пребродат пандемијата, да обезбедат побрз економски раст и справување со невработеноста и сиромаштијата, рече претседателот, нагласувајќи дека Полска е позитивен европски пример за тоа и една од ретките земји на ЕУ што во 2020 година немаше зголемена невработеност.

Во однос на Северна Македонија, Пендаровски рече дека уште на почетокот на неговиот мандат го иницирал изготвувањето на стратегиската рамка за развој на државата „МКД2030“, чија цел е да се утврдат политиките за развој на државата до 2030 година и целите кои треба да се реализираат.

-„МКД2030“ се фокусира на повеќе меѓузависни теми, како што се вложувањата во образованието, дигитализацијата и ИТ секторот, земјоделството, екологијата и енергетиката, особено чистата енергија. Оние домашни и странски компании кои навреме ќе инвестираат во овие области нас ќе се стекнат со конкурентски предности. Затоа, ја користам оваа прилика да ги поканам македонските и полските компании да размислуваат за можна соработка во областите што ќе бидат наши развојни стратешки приоритети, напомена Пендаровски.

И претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда рече дека Северна Македонија нуди одлични можности за инвестирање, потенцијалот за интензивирање на соработката меѓу двете земји се големи. Тоа е резултат на растот на размената на последните години, особено лани, во екот на ковид-кризата, кога и покрај пандемијата се зголеми меѓусебната трговска размена.

-Убеден сум дека нашата денешна средба сведочи за важноста на стопанската компонента во полско-македонските односи како и дека овој форум ќе биде импулс за натамошен развој за економските односи меѓу наште две земји“, рече Дуда.

Тој додаде дека е сигурен дека Северна Македонија и натаму ќе ја одржува проевропската насока како во надворешната, така и во внатрешната политика.

-Длабоко сум убеден дека процесот на европската интеграција е најдобра инвестиција за стабилизација и благосостојба на земјите од Западен Балкан и на цела Европа, рече тој.

Тој искажа задоволство од квалитетот на полско-македонските економски односи, на растот на размената и нагласи дека гледа голем потенцијал за развој на овие односи.

-Според податоците на полската официјална статистика, во 2020 година нашите трговски односи изнесувале 397 милиони евра што значи дека се зголемиле за 5,3 проценти во однос на 2019 година, рече Дуда нагласувајќи дека треба да се има во вид дека тоа е сторено за време на пандемија и кога секаде наоколу размената се намалувала, па дури и целосно замирала како и дека гледа големи потенцијали за зајакнување на соработката.

Според Дуда македонската економија е најконкурентна во регионот.

-Економијата на Северна Македонија е совршено место за странски инвестиции со оглед на бројните олеснувања и административната поддршка. Кратко кажано кој инвестира во Северна Македонија тој може да смета на поддршка, тој може да смета на грижа од македонските власти, рече Дуда.

Тој им порача особено на полските компании кои имаат искуство во енергетиката, рударството, туризмот, земјоделството и екологијата деак тоа се областите во кои постојат најголеми потенцијални за соработка.

Оценка на Дуда е дека Полска и Северна Македонија се соочуваат со заеднички предизвици во однос на енергетската трансформација, услов што треба да се исполни и во однос на членството во ЕУ.

Во рамките на бизнис форумот беше потпишан Меморандумот за разбирање меѓу Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и Полската агенција за инвестиции и трговија. Целта на Меморандумот е јакнење на соработката и размислувањето на инвестициите од двете страни.