Македонскиот претприемач Илиевски објави бизнис – книга на „Амазон“
Македонскиот претприемач Игор Илиевски, извршен директор на компанијата AMENEX, ја објави својата нова бизнис-книга „The Big Pain: Trust Without Structure“ (Големата болка: доверба без структура), достапна на платформата Amazon во Kindle и хартиено издание – https://www.amazon.com/dp/B0GXC175CV/
Глобално, книгата беше објавена на 25 април годинава. Подоцна, официјално беше презентирана пред меѓународна бизнис-публика на Global Power Summit, организиран од CEO Clubs Network во Шангај, Кина. Самитот собра основачи, извршни директори, претприемачи, иноватори, носители на политики и бизнис-лидери од различни делови на светот.
Според авторот, The Big Pain не е книга за успех преку ноќ или мотивациски слогани. Тоа е книга за реалниот притисок што се појавува кога една компанија расте побрзо од системите, процесите и структурата што треба да ја поддржат. Подлабокиот мотив за пишување на книгата се појавил по јавен настап во Доминиканската Република. Веднаш по настапот, група млади претприемачи со Илиевски зборувале за притисок, хаос, преживување и како да се изгради бизнис без тој да го преземе нивниот личен живот. „Ова беше клучниот миг кога одлучив да напишам книга“, објаснува Илиевски.
На меѓународната презентација во Шангај, Илиевски објаснува дека книгата „Големата болка: вистина без структура“ е градење бизнис врз доверба и лојалност со клиенти, партнери и членови на тимот, но без доволно структура зад тоа. „Кога почнувате, довербата изгледа како да е доволна. И некое време, таа навистина функционира. Но, како што расте компанијата, сè станува покомплексно. Ако нема системи, јасни улоги и структура, довербата што помогнала да растете може да стане причина поради која работите почнуваат да се распаѓаат“.
Книгата дава увид во системите што Илиевски ги развил по години управување со оперативниот притисок на градење растечка глобална агенција. Таа опфаќа практични рамки како категоризација на работата, управување со обемот на услуги, структура на тимови, комуникација со клиенти, вработување, лидерство и премин од водење бизнис со адреналин кон градење бизнис врз системи.

Една од клучните пораки на книгата е особено важна за младите луѓе во Македонија: „глобална компанија повеќе не мора да се гради само од големи бизнис-центри. Со знаење, дисциплина, дигитални вештини и вистинска структура, претприемачите од Македонија може да изградат компании што ќе се натпреваруваат на меѓународните пазари“.
Илиевски верува дека младите денес имаат поголем пристап до можности од која било претходна генерација.
„Не треба да чекате совршени услови за да почнете. Кога јас почнував, немаше јасни водичи, немаше YouTube туторијали и немаше готови системи. Моравме да учиме преку тестирање, грешки, поправки и повторни обиди. Денес, младите во Македонија имаат пристап до глобално знаење, глобални пазари и глобални алатки. Но, амбицијата не е доволна. Потребни се вештини, трпение, структура и храброст постојано да се учи“.
Негова бизнис порака до младите претприемачи во Македонија е директна:
„Не размислувајте на малку само затоа што доаѓате од мала земја. Македонија може да биде вашата почетна точка, не вашето ограничување. Градете ги вашите вештини, учете секој ден, опкружете се со луѓе на кои може да им верувате и создавајте системи рано. Страста може да го започне бизнисот, но структурата е тоа што му овозможува да преживее и да расте“.
Успешната бизнис приказна на Илиевски почнува многу порано. Пред повеќе од дваесет години, неговата прва „канцеларија“ бил подрумот на неговиот дедо во Штип. Со половен компјутер и бавен интернет, почнал да експериментира со eCommerce во време кога онлајн-бизнисот сè уште бил нов и непознат за многумина. Неговиот прв проект бил продажба на custom-made Pop Art платна за купувачи во Соединетите Американски Држави. Сам ја изградил веб-страницата, ги поврзал платежните системи, договорил печатење и испорака преку партнер во Северна Каролина и ја водел корисничката поддршка од Македонија.
Она што почнало како онлајн-експеримент станало основа за MKMAGE, eCommerce агенција која работи со клиенти во Америка. Со текот на годините, компанијата прераснала во глобална дигитална операција, со тимови и соработници во САД, Панама, Израел, Нигерија, Филипини, Мексико, Источна Европа и други региони. Денес, преку AMENEX, следната еволуција на MKMAGE изградена врз повеќе од две децении eCommerce искуство, Илиевски работи на пресекот меѓу eCommerce, дигиталните операции, автоматизацијата и вештачката интелигенција.