Македонскиот – национален, официјален или само јазик за преведување во ЕУ?

Македонскиот јазик е признат како национален јазик во моментот кога ќе започнат преговорите. Во подоцнежна фаза тој ќе стане „јазик на договорите“


Фото: Б. Грданоски

 

Еден од аргументите против францускиот предлог за преговорите со ЕУ е дека не е точно тврдењето на Владата оти македонски јазик е гарантиран со Преговарачката рамка, бидејќи неговиот статус се утврдува на крајот, со отворање на Поглавјето 34, што сега не е дел од документите што ги презентираше Брисел.

Станува збор за поглавје кое се отвора дури откако ќе завршат преговорите и со него се решаваат техничките услови пред земјата формално да стане членка на Унијата. Затворено ли е прашањето за јазикот или не, може ли во иднина унилатералната изјава на Бугарија да ни пресуди околу ова прашање и тој да стане бугарски дијалект, дали на крајот ќе ни преседне членството, бидејќи Софија може да стави тогаш рампа за „македонскиот“ – се дилеми кои ја зовреа дополнително атмосферата околу францускиот предлог. И, што е најважно, јасен одговор на тоа не даде ниту претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за време на посетата на Скопје, кога порача дека со предлогот јасно се дискутира за македонскиот јазик,  дека тој е наш јазик и дека преговарачката рамка го почитува тоа, со додавка дека „целото европско законодавството ќе биде преведено на македонски јазик“. Дали тоа значи дека на крајот македонскиот јазик мора да се прифати како официјален и со тоа име, не е јасно и по неговата изјава?

Според Петер Ванхојте, поранешен медијатор во Македонија и белгиски експерт, ЕУ мора да го прифати како факт тоа што стои за јазикот во нашиот Устав, бидејќи на тоа е засновата политиката за јазиците на Унијата.      

„Во принцип, во Европската унија јазиците се пред сè признати како јазици на договори. Тоа значи дека сите договори на ЕУ ќе бидат преведени на македонски јазик. Во подоцнежна фаза – и тоа може да трае доста долго – ќе бидат признати како официјални.  Тоа, секако, не значи дека македонскиот јазик ќе биде признаен како национален јазик само откако ќе стане официјален јазик во ЕУ. Во принцип, тој е признат како национален јазик во моментот кога ќе го започнете процесот на пристапување. Во подоцнежна фаза тој ќе стане јазик на договори, но тешко е да се каже кога точно ќе се случи тоа“, вели Ванхојте. 

Петер Ванхојте

Тој потсетува дека има само три јазици кои ЕУ ги признава како работни  (англиски, француски и германски), за да не се комплицира премногу секојдневната работа.

„Јас сум сигурен  дека, кога ќе го започнете пристапниот процес, нема да има понатамошен спор за валидноста на македонскиот јазик, бидејќи тоа е една од карактеристиките на вашата земја што ЕУ мора да ја прифати,  пред сѐ затоа што македонскиот јазик е во вашиот Устав. И, бидејќи јазикот е во вашиот Устав, дури ни ЕУ нема право да го негира овој факт“, вели Ванхојте. 

Екс-амбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере, сепак е скептик дека Бугарија ќе се откаже туку така од главното прашање. Според него, доколку Бугарија се спротивстави на тоа македонскиот јазик да стане официјален јазик на ЕУ и, имајќи го предвид правилото на едногласност околу прашањата за проширувањето на ЕУ, тоа би можело да предизвика проблеми по патот. Како Ирец тој го пренесе и личното искуство околу вклучувањето на ирскиот јазик како официјален во ЕУ.  

„Ирската и македонската ситуација сепак не се споредливи. Во Ирска имаме два официјални јазици – ирски и англиски. Кога има правен спор меѓу двата јазика, се одредува ирскиот. Кога Ирска се приклучи во ЕУ во 1973 година, беше договорено дека ирскиот ќе се смета за ‘јазик на договорите’, што значи дека само договорите на ЕУ ќе бидат преведени на ирски. Ова беше време кога ирскиот јазик го зборуваше помалку од 15%  од населението и  затоа се сметаше дека преведувањето на сите документи на ЕУ на ирски ќе биде преголем товар за Унијата. Како што јазичното прашање стануваше важно во рамките на ЕУ, Ирска побара ирскиот јазик да биде вклучен како еден од официјалните јазици на ЕУ, но со отстапка дека сите документи нема да бидат преведени на ирски. Од 1 јануари оваа година, на барање на Ирска, таа отстапка беше поништена и сега сите документи на ЕУ автоматски се преведуваат на ирски, така што ирскиот сега е на еднаква основа со сите други официјални јазици на ЕУ“, објаснува Фуере.

Но, според него, ова што се случува меѓу Македонија и Бугарија е досега невидено во Унијата. 

„Ако не се лажам, бугарската забелешка за македонскиот јазик е без преседан во ЕУ. Во оваа фаза и имајќи го предвид однесувањето на Бугарија кон македонскиот народ, не треба да се верува на ветувањата од ЕУ дека ќе стојат зад правата на земјата-кандидат наспроти ставот на земја-членка. Многу е тажно да се види како ЕУ не беше способна да даде компромисен предлог кој би ги обединил сите македонски граѓани заедно, наместо овој со кој се соочува земјата сега“, вели Фуере.

Генерално, ЕУ не признава постоење на јазици туку ги прифаќа како официјални или не, што е повеќе практично прашање, иако во многу случаи има политички конотации. Досега спор во ЕУ се водеше околу предимството на англискиот над германскиот и францускиот, вклучувањето или не на рускиот јазик (во балтичките држави има многу што зборуваат руски), статусот на турскиот јазик од Северен Кипар и слично. Регулативата на која почива политиката на ЕУ кон јазиците е од 1958 година, но таа не дава решение ако се спорни името и потеклото на еден јазик, како што го проблематизира Бугарија македонскиот.

Според преговарачката рамка, ЕУ го прифаќа македонскиот јазик како „јазик на договорите“ во ЕУ, а дали ќе биде и формално вклучен како официјален, ќе се знае откако ќе се заврши Поглавјето 34 , кое сега воопшто не фигурира во преговарачката рамка. Со него ќе се определи колку и каде ќе се употребува македонскиот јазик, во кои институции, на кое ниво, за кои документи, бидејќи во разни институции има разни практики во овој поглед. На пример, во Европската комисија главно се употребуваат англиски и француски, додека најдалеку во употребата на сите официјални јазици е отиден Европскиот парламент. Некои институции на ЕУ пак комуницираат само на англиски.

Со оглед на тоа дека и за ова поглавје треба едногласност, стравот е дека Бугарија ќе го искористи неговото затворање како последна шанса да го спречи влегувањето на македонскиот јазик со ова име и без фуснота во Унијата. Практично, за да стане официјален јазик на ЕУ треба да ја дополни регулативата од 1958 година, каде што тој ќе се додаде како рамноправен на останатите официјални јазици во неа, кои сега бројат 24. Дека прашањето не е толку техничко покажува и фактот дека Велика Британија веќе не е во ЕУ, а англискиот сѐ уште е и официјален и работен јазик на Унијата.

На некој начин прашањето на словенските јазици во Унијата е затворено со приемот на Хрватска, на што претходеа размислувања во Брисел, па и настојувања да се наметне заеднички српско-хрватски јазик, во чиј опис би влегле и Црна Гора и БиХ, за да не се троши толку многу за преводи во Унијата таму каде што сите се разбираат меѓусебно. Со оглед на тоа дека Хрватска силно се спротивстави на такви идеи, подоцна во Преговарачката рамка за Србија е впишан српскиот јазик. Според оваа практика, колку и да изгледаат слични македонскиот и бугарскиот јазик и колку и да им е исто (словенско) потеклото, испаѓа дека се почитува политичката одлука на земјата. Бугарија може да се обиде тоа да го оспорува, но вклучувањето на „македонскиот  јазик“ во Преговарачката рамка не е само техничка, туку очигледно и политичка одлука на Унијата во документот кој кај нас и во Брисел се смета за „устав“ за преговорите на Македонија со ЕУ.

Патем, ЕУ еднаш го смени именувањето на јазикот на Македонија, поточно ја замрзна употребата на терминот „македонски јазик“ поради притисокот на Грција (пред да се потпише Преспанскиот договор), но подоцна ретерираше од таа срамна практика и повеќе години наназад, и пред да се потпише Преспанскиот договор, „македонски“ како термин редовно стои на кабините за превод, се слуша кога зборуваат македонски функционери и јасно и гласно беше наречен така јазикот на последната Комисија за надворешни прашања во присуство на најрадикалните бугарски пратеници. Со влегувањето на Преспанскиот договор како услов и во  Преговарачката рамка, решението за јазикот  станува „закон“ и за Унијата, а две решение за иста работа не може да има.