Македонка фатена на Скопскиот аеродром со непријавен накит „Сваровски“ вреден 333.000 денари


Од Царинската управа утрово информираа дека на граничниот премин Меѓународен Аеродром Скопје бил запленет накит „Сваровски“ во вредност од 333.000 денари, откако царинските службеници го откриле при детална контрола на патничка на влез во државата.

Станува збор за македонска државјанка која пристигнала со лет од Загреб, при што на влез во државата со намера да избегне плаќање увозни давачки, се упатила на зелениот наместо на црвениот канал.

Патничката била селектирана за контрола од страна на царинските службеници, пред кои изјавила дека нема ништо за пријавување.

По извршената ренген-контрола и преглед на багажот, откриени биле 23 парчиња накит „Сваровски“.

„Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“, казниво согласно Кривичниот законик“, посочија од Царина.