Махатма Ганди доби биста во Скопје, подарок од Индија
Во Музејот на град Скопје денеска е откриена биста на иконата на индиската борба за независност, Махатма Ганди, која е подарок од индиската држава. Овој гест претставува траен симбол на вредностите што ги обединуваат народите и поттик за натамошно зајакнување на пријателството меѓу Северна Македонија и Индија.
Споменикот е откриен во време кога во посета на земјава е индиската претседателка Друпади Мурму која денеска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше на церемонијата во Музејот на град Скопје.
„Веројатно најважното наследство што го остави Ганди е идејата за ненасилно самоопределување како право на луѓето да одлучат за нивната судбина и иднина, но исто така и слобода да ги организира животите во согласност со нивната сопствена волја. Оваа желба за слобода е вековен идеал на индискиот, но и на македонскиот народ“, рече Сиљановска-Давкова.