Мадуро: Нашите разлики со САД не се оправдување за воен конфликт

Нашите разлики со САД не се оправдување за воен конфликт, изјави венецуелскиот претседател Николас Мадуро, повикувајќи го американскиот лидер Доналд Трамп да се вклучи во дијалог. Изјавата на Мадуро беа поттикната од заканата на американскиот претседател да собори венецуелски авиони доколку тие ги загрозат воените сили на Вашингтон во Карипското Море.
„Нема разлики меѓу нас, ниту сегашни ниту минати, што би можеле да доведат до воен конфликт“, рече венецуелскиот лидер во порака емитувана на сите радио и телевизиски станици во латиноамериканската земја.
„Нема оправдување за ова“, додаде Мадуро, отфрлајќи ги обвинувањата на Трамп дека Венецуела и тој се во срцето на огромна мрежа за трговија со дрога.
Вашингтон неодамна ја дуплираше наградата за апсење на Мадуро по обвинение за дрога на 50 милиони долари. Според САД, венецуелскиот претседател е на чело на наркотерористички картел.
Вашингтон распореди неколку воени бродови во јужниот дел на Карипското Море како дел од операцијата за борба против трговијата со дрога, а вчера американскиот лидер му се закани на Каракас дека ќе собори венецуелски авиони доколку тие ги загрозат американските воени бродови.Американското предупредување дојде откако Пентагон претходно објави дека два венецуелски борбени авиони прелетале опасно ниско над бродови на морнарицата на Вашингтон.
Американскиот претседател според Си-Ен-Ен ја разгледува можноста за извршување воени напади насочени кон нарко-картели што дејствуваат во Венецуел, а тоа вклучува можни напади во самата земја.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, синоќа изјави дека Каракас е подготвен да премине од „политичка фаза“ во „фаза на вооружена борба“ во случај на напад од страна на САД, во услови на ескалација на тензиите меѓу двете земји.
„Моментално сме во политичка фаза“, рече Мадуро во коментарите емитувани на венецуелската државна телевизија.„Но, ако Венецуела биде нападната на кој било начин, ќе преминеме во фаза на вооружена борба“, додаде претседателот на таа држава.