„Луфтханза“ воведува брачни кревети за прекуокеанските летови


Германската авиокомпанија одлучи да воведе брачни кревети во новите кабини во прва класа на прекуокеанските летови, со цел да ги подобри услугите.

Според британскиот портал „Тајм-аут“, понудата на брачни кревети на долги летови во прва класа наскоро ќе стане норма.
Германската авиокомпанија Луфтханза најави дека наскоро ќе има седишта „jut plus“ во прва класа, кои во суштина ќе им обезбедат на двојките сопствена соба, а ќе воведат и брачни кревети, сопствени системи за греење, како и ѕидови до плафон, лизгачки дрвени врати, шкафови, трпезариски маси, специјални гурмански менија и седишта широки еден метар.

Така, таа авиокомпанија ќе има некои од најлуксузните опции за долги релации, а како што наведуваат од компанијата, овие новитети се дел од проектот за подобрување на услугата „Алегрис“, јави Танјуг.

Целиот план, кој вклучува поделба на седиштата на авиокомпанијата во седум класи на долги релации, се очекува да чини огромни 2,5 милијарди евра и треба целосно да се имплементира до 2025 година.

„Катар ерлајнс“, „Етихад“ и „Сингапур ерлајнс“ веќе имаат брачни кревети на долги летови, но тие опции се многу скапи, од околу 3.000 до повеќе од 20.000 долари.