Ловџија заглавен во дол спасен од новиот медицински хеликоптер


Ловџија што паднал во длабок дол опкружен со карпи во близина на скопското село Буковиќ, денеска бил спасен со помош на новиот медицински хеликоптер, што се подготвувал за промоција во Битола. Медикоптерот, „бел 212“, е на Министерството за внатрешни работи, а е опремен со медицинска опрема за итен транспорт на високоризични пациенти.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека била испратена порака на бројот за итни интервенции 112 дека ловџија паднал и ја сркшил десната нога во пределот на потколеницата, на многу непристапен терен до каде што не можело да се стигне со возило за итна помош. Веднаш било повикано новоопременото летало и тоа помогнало да се изврши интервенцијата.

Докторката што била на лице место со пациентот го известила центарот дека тој е безбедно евакуиран до Ургентниот центар во Скопје, за понатамошна постапка.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, станува збор за искусен ловџија со иницијали Г.Ј., кој често го поминувал времето кај Буковиќ, на планински терен, во лов на диви свињи. Но, рано утрово мало невнимание било доволно да падне во карпест дол и да ја скрши ногата од потколеницата до долниот зглоб. По 8 часот неговите другари го нашле и веднаш се јавиле на 112, а медицинската екипа стигнала на непристапното место за дваесетина минути.

Претходно, медицинскиот тим телефонски им давал инструкции на ловџиите да ја имобилизираат повредената нога и да го греат за да не добие хипотермија. Потоа го извлекле од непристапното место. Ловечките фосфорно-портокалови елеци послужиле како маркери за хеликоптерската екипа побрзо да го лоцира местото на несреќата.

Од ЦУК нагласуваат дека граѓаните со ова биле во можност да видат како функционира системот за управување со кризи во драматични ситуации, преку координација на хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи, медицинскиот тим и центарот.