Лондон: Ќе го уапсиме секој кој поттикнува омраза и насилство преку интернет
Една 55-годишна жена е уапсена во велика Британија во врска со објава на социјалните мрежи со неточни информации за идентитетот на осомничениот за убиствата во Саутпорт.
Жената, со живеалиште во близина на Честер, беше уапсена во четвртокот под сомнение дека објавила пишан материјал за да поттикне расна омраза и лажни комуникации. Таа е задржана во притвор од полицијата во Чешир.
„Сите го видовме насилното нарушување што се случи низ Обединетото Кралство во текот на изминатата недела, од кое голем дел беше поттикнат од злонамерни и неточни комуникации на интернет.Тоа е остар потсетник за опасностите од објавување информации на платформите на социјалните медиуми без проверка на точноста. Тоа, исто така, делува како предупредување дека сите ние сме одговорни за нашите постапки, без разлика дали тие се онлајн или лично“, изјавија од полицијата.
Полицијата издаде предупредувања поради ширењето на интернет на „неточно“ име за осомничениот за убиството на девојчињата во Саутпорт – сега именуван како Аксел Рудакубана – и лажната приказна околу неговото потекло.
Сандер Катвала, директор на тинк-тенкот British Future, истакна дека голем број на фигури од висок профил на интернет, вклучувајќи ги Лоренс Фокс и поранешниот кикбоксер Ендру Тејт, ги „споделувале тие лажни информации“ на X.
Голем број експерти рекоа дека оваа дезинформација била искористена од „гласното малцинство“ за да сее поделеност, „да ја поттикне сопствената агенда и да предизвика лето на импулсивно бунт во потрага по возбуда“ по насилното нарушување во деновите по нападот.
Во четвртокот вечерта, 39-годишник од Ланкашир беше уапсен под сомнение дека користел социјални мрежи за да ги охрабри другите да учествуваат во насилни нереди, соопшти полицијата на Мерсисајд. Човекот од Рафорд, Ормскирк, бил приведен под сомнение дека поттикнувал или помагал во извршување на кривично дело, верувајќи дека едно или повеќе ќе бидат сторени. Тој, исто така, беше уапсен под сомнение дека самиот учествувал во насилни нереди во Саутпорт на 30 јули.
„Ова апсење покажува дека нашата цел не е само да ги изведеме пред лицето на правдата оние луѓе кои избрале да се вклучат во насилство и уништување во Саутпорт и на други места.Ние сме, исто така, решени да го уапсиме секој за кој се сомневаме дека се обидел да поттикне омраза на интернет и активно ги охрабрувал другите да излезат на улиците за да предизвикаат насилство и физичка повреда во нашите заедници“, нагласија од полицијата. (Гардијан)