Лончар: Во Србија се вакцинирале речиси 15.000 македонски државјани


Во Србија вакцина против КОВИД-19 добиле речиси 15 илјади македонски граѓани, изјави денес на прес-конференција српскиот министер за здравство Златибор Лончар, одговарајќи на новинарско прашање.

На заедничката прес-конференција со македонскиот колега Венко Филипче, Лончар додаде дека оние кои ја примиле првата доза од вакцината на некој од пунктовите во Србија, втората доза за нив е веќе резервирана и ќе може да ја примат на истите места во термините кои ги добиле, но остави можност вакцините да бидат донирани на Македонија и втората доза да се прими во нашата земја.

Запрашан дали македонски граѓани кои немаат престој во Србија, ќе можат и во иднина да се вакцинираат во оваа соседна земја, Лончар одговори дека останува таква можност, но само доколку се добие термин преку порталот е-управа или доколку има организирани акции како што тоа беше минатиот месец преку Стопанската комора и други институции од Македонија.