Лојд Вебер ја напишал химната за крунисувањето на кралот Чарлс Трети
Англија – Ендрју Лојд Вебер, англискиот композитор кој ги создаде партитурите за блокбастер мјузикли како што се „Мачки“, „Фантомот од операта“ и „Евита“, ја напиша химната за крунисувањето на кралот Чарлс III, адаптаирајќи парче црковна музика што ги поттикнува пејачите да испуштаат „радосна врева“.
Делото на Вебер е едно од десетината нови дела што Чарлс ги нарачал за големата пригода што ќе се одржи на 6 мај во Вестминстерската опатија. Вклучува зборови адаптирани од Псалм 98 и е прилагоден специјално за хорот и оргулите на опатијата.
„Се надевам дека мојата химна ја одразува оваа радосна прилика“, рече Вебер во изјавата пренесена од Бакингемската палата.
Програмата за церемонијата на крунисување на кралот вклучува постара музика и нови композиции бидејќи палатата се обидува да ги спои традиционалните и модерните елементи кои ја одразуваат реалноста на модерната Британија. Нови дела беа составени од уметници со корени од сите четири конститутивни нации на Обединетото Кралство, како и од Комонвелтот и странските земји кои испратија толку многу луѓе на нејзините брегови.
Крунисувањето ќе вклучува дела од Вилијам Бирд (1543–1623), Џорџ Фридерик Хендл (1685–1759), Едвард Елгар (1857–1934), Хенри Волфорд Дејвис (1869–1941), Вилијам Волтон (1902–1983), Хуберт Пари (1848–1918) и Ралф Вон Вилијамс (1872–1958), чија музика била претставена на претходните крунисувања, заедно со парче од современиот велшки композитор Карл Џенкинс.
Ќе има и нови дела на Сара Клас, Најџел Хес, Пол Меалор, Тарик О’Реган, Роксана Пануфник, Ширли Џеј Томпсон, Џудит Веир, Родерик Вилијамс и Деби Вајсман.
„Одлуката да се комбинира старото и новото ја одразува културната широчина на ерата во која живееме“, рече Ендрју Нетсингха, органист и мајстор на хористи во Вестминстерската опатија.
„Крунисувањата се одржуваат во Вестминстерската опатија од 1066 година. Беше привилегија да соработувам со неговото височество при изборот на добри музичари и достапна, комуникативна музика за оваа голема пригода“, рече Нетсингха.
Севкупно, за крунисувањето беа создадени шест оркестарски дела и пет хорски дела кои опфаќаат класичен, сакрален, филмски, телевизиски и музички театарски жанр.
Програмата ќе има и личен печат , вклучително и музичка почит на починатиот татко на Чарлс, принцот Филип, кој е роден како грчки принц. Новиот монарх побара грчка православна музика, која ќе ја изведува Византискиот ансамбл за пеење.
Иако спецификите за дел од материјалот се чуваат во тајност, една химна дефинитивно ќе биде дел од службата: „Свештеникот Задок“ на Хендл.
Химната, со својот робустен хор „Бог, спаси го кралот“, се свири на секое крунисување откако беше нарачана за крунисувањето на кралот Џорџ II во 1727 година. (АП)