Љутков: Со ребалансот нема намалување на средствата за Агенцијата за филм, ниту пренамена за канцелариска опрема


Фото: Б. Грданоски

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков реагираше на, како што наведува, изнесените неточни тврдења во дискусијата на седницата на Комисијата за ребаланс на Буџетот, оценувајќи дека тие не се во согласност со официјалните буџетски документи.

Во соопштението од Министерството за култура и туризам се наведува дека, според Љутков, во официјалниот ребаланс не постојат тврдења дека средствата за кадровско зајакнување и инспекцискиот надзор се пренаменуваат за канцелариска опрема, ниту дека се намалуваат средствата за Агенцијата за филм или за капиталните инвестиции.

Тој посочува дека со ребалансот се обезбедуваат 61 милион денари за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, како и дополнителни 200 милиони денари за капитални инвестиции.

– Во политиката постојат различни толкувања, но фактите не се прашање на толкување. Во официјалниот ребаланс не постојат тврдењата дека средствата за кадровско зајакнување и инспекцискиот надзор се пренаменуваат за канцелариска опрема, ниту, пак, дека се намалуваат средствата за Агенцијата за филм или за капиталните инвестиции – истакнува министерот Љутков. 

Нагласува дека критиките се легитимни, но дека треба да се темелат на факти, особено кога станува збор за буџетски документи.

– Критиката е легитимна и неопходна во демократско општество, но таа треба да се темели на факти. Особено кога станува збор за буџетски документи, неопходно е внимателно и точно читање на официјалните податоци – наведува министерот.

Во реакцијата министерот потсетува дека пред две недели биле презентирани резултатите од работата на Министерството, при што, според него, по преземањето на ресорот во 2024 година бил наследен долг од 273 милиони денари за плати, а со ребалансот биле обезбедени средства за негово сервисирање, како и дополнителни 150 милиони денари за капитални инвестиции и програмски активности.

Како резултати од работењето, Љутков ги наведува зголемувањето на буџетот за програмските активности за 40 проценти, на капиталните инвестиции за 110 проценти и на буџетот за филмската дејност за 87 проценти. Тој посочува и дека националните установи добиле поголема финансиска поддршка, ги зголемиле сопствените приходи за над 150 проценти, воведени биле реформи во финансирањето и транспарентни процедури, а програмата за култура за 2025 година била реализирана со 98 проценти.

– Ова не се политички квалификации, туку официјални податоци и бројки. За разлика од политичките конструкции, фактите остануваат проверливи и достапни за јавноста … Буџетот не се чита по сеќавање, ниту според партиски потреби. Фактите имаат една особина – остануваат факти, без оглед на тоа колку некому политички не му одговараат – вели Љутков.