Љутков ќе бара помош од УНЕСКО за дел од Коридорот 8 кон Албанија


Заштитен појас под УНЕСКО е една од главните пречки за реализација на автопатското решение на дел од Коридорот 8 кон Албанија, изјави денеска министерот за култура и туризам  Зоран Љутков, при посетата по повод почетокот на реконструкцијата на улицата „Самарџии“ и уште пет помали краци во Старата скопска чаршија. Љутков најави дека во мај се очекува посета на делегација на УНЕСКО за увид во состојбите на терен.

– Таму еден заштитен појас којшто е под УНЕСКО и тој коридор го опфаќа и спојувањето со спојувањето со Република Албанија. Разговараме за да најдеме заедничко решение. Тој е правен според НАТО стандарди и ја поврзува земјава со НАТО. Верувам дека во мај месец ќе дојдат од комисијата од УНЕСКО и од делегацијата за да можеме одблиску да им ги покажеме сите проблеми со кои се соочуваме инфраструктурно, но и сите проблеми кои се соочуваат во Охрид и Струга – изјави Љутков.

Во однос на делницата од Требениште до Ќафасан, Љутков посочи дека не може да се реализира автопатското решение, поради, како што рече, заштитениот статус.

– Тоа е заштитен појас, штом е заштитен појас ние не можеме да продолжиме со автопатското решение – рече Љутков.