Линеарното зголемување на пензиите е укинато, 70 отсто од пензионерите ќе добиваат помалку, тврди Мицкоски

Последните информации се дека одлуката е потпишана и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, изјави премиерот Мицкоски


Уставен суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и веќе од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии. Ова на собраниска говорница денес го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски. Истовремено, Мицкоски рече дека наводно, Уставниот суд ќе ја укине и одредбата за платите на судиите и обвинителите, со што нивните примања енормно ќе се зголемат.
Пензиите денеска на седницата за пратенички прашања беа меѓу централните теми. Така, пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска, алармираше дека се потрошени парите во Буџетот предвидени за трансфери до ПИОМ, поставувајќи прашање од каде тогаш ќе се исплаќаат пензиите.

Што се однесува до линеарното зголемување на пензиите, Мицкоски рече дека одлуката веќе била потпишана, за што своите стрели ги упати најмногу кон уставната судијка Добрила Кацарска, иако не го спомена нејзинот име, која пред Уставниот суд иницираше постапка за оцена на уставноста на последните законски измени со кои пензионерите добија по илјада денари линеарно зголемување во септемри, а исто толку треба и во март идната година. Мицкоски „таа судијка“ ја нарече „архетип на неправдата“.

„Последните информации се дека одлуката е донесена, дека е потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени со Законот кој што претходно важеше“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека „поради оваа иницијатива на оваа судијка која што е дел од Уставниот суд“ тоа подразбира дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец.

„Од аспект на фискален товар и импликации, Буџетот ќе даде помалку пари, ќе заштедиме“, рече Мицкоски.

Ваквата изјава е спротивна на една претходна негова изјава кога се најавуваа законските измени за линеарното зголемување на пензиите, кога изјави дека ваквото зголемување нема да предизвика дополнителен товар врз Буџетот, бидејќи износот кој ќе се добие од процентуалното усогласување на пензиите (според тогаш важечкиот закон) рамномерно ќе се распредел на сите пензионери.

Всушност, таква е и одредбата во постојниот (изменет) закон, каде што се вели дека „сите видови на пензии, кои се исплаќаат во Република Северна Македонија, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50% на порастот на индексот на трошоците на живот и 50% на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година“.

Ваквата одредба укажува дека Буџетот нема да биде ниту во плус, ниту во минус.

Инаку, Мицкоски образложи дека укинувањето на линеарното зголемување не е фер велејќи дека целта на линеарното зголемување било да им се помогне на оние со ниски пензии кои биле жртви на транзицијата.

„Од аспект дали е фер, не е фер, затоа што во време на транзицијата малкумина олигарси го приватизираа и го разграбаа македонското стопанство или дел од тоа уништија поголем дел, а најголем дел на овие пензионери со ниски примања, осум, девет, десет, единаесет илјади денари, се резултат на тој процес во времето на транзицијата и затоа тие добиваат толку ниски пензии“, посочи Мицкоски.

Тој додаде дека целта на линеарното зголемување беше да се намали „ха-де“ индексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија, како и дека тоа е еден од начините кои што дефинираат каква е државата, дали е добра, дали е лоша, какви се критериумите….

„За жал, тоа ќе се случи. Замислете, истовремено, најверојатно, следната одлука која ќе дојде од истиот суд ќе биде да ги одмрзнеме платите на судиите и на обвинителите. Значи, на пензионерите им се укинува правото, но затоа пак на овие обвинители и судии треба да им се одмрзнат платите, бидејќи се незадоволни со 2,5, три илјади или четири илјади евра. А, пензионерите со десет, единаесет, дванаесет илјади денари кои што треба да добијат илјада денари зголемување сега овој месец, а претходно добија два пати по 2,5 илјади денари и еднаш уште илјада, тоа се шест илјади денари, а сега треба да добијат уште илјада, тие се побогати од овие кои што се по 4-5 илјади евра“, рече Мицкоски велејќи дека сепак, станувало збор за „малкумина кои што ја контаминираат оваа професија“.

Тој исто така рече дека е дојдено времето „работите да се земат во свои раце“ и дека како Влада ќе се потрудат овие работи многу скоро да дојдат на свое место, мислејќи на судството, а особено во обвинителството.

„Ги слушам тие пораки и ќе почнеме да дејствуваме“, рече тој.

Инаку, на истата седница за пратенички прашања, поранешната министерка за труд и социјала, и актуелна пратеничка од редовите на опозициската СДСМ, Јованка Тренчевска, алармираше дека состојбата со Фондот за пензиско е загрижувачка.

„Пари за исплата на декемвриската пензија нема ниту во буџетот на Министерството за социјална политика, ниту во Фондот за пензиско. Ставката од која се трансферираат средствата од министерството кон фондот за исплата на пензиите е 100% реализирана, односно пари на таа сметка нема. А нема и во Фондот затоа што сите средства со кои што располагаше Фондот беа искористени за исплата на пензиите во ноември. За декемвриската пензија нема средства“, изјави Тренчевска.

Таа додаде дека владата направила зголемувања без пресметки и без план, како и дека тоа не е реформа, туку играње со граѓаните за сметка на политичка корист.

„Јавна тајна е зошто меѓу другото се задолживте со унгарскиот кредит, не за да реализирате капитални инвестиции, туку за да го покриете дефицитот во Фондот, кој за само година и пол на власт го продлабочивте за над 50%“, рече таа.

Според Тренчевска, овој дефицит е резултат единствено на финансиски неодговорни одлуки и на популизмот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, донесени без анализа и без да се мисли на последиците.

Таа додаде дека во 2023 година трансферот од централниот буџет кон ПИОМ беше 29 милијарди денари.

„Кога дојдовте на власт во 2024 година, со ребалансот го зголемивте на 38 милијарди денари, сега во тековниот буџет за 2025 година е 50 милијарди денари, кој е недоволен да ги сервисира сите обврски, а со новиот предлог-буџет за 2026 година го зголемивте на 62 милијарди денари или 1 милијарда евра, која исто така нема да биде доволна за обврските кон Фондот за 2026 година. Значи, дупката во Фондот е над 1 милијарда евра,толку пари државата ќе префрла за да можат да се сервисираат секој месец пензиите“, рече Тренчевска, прашувајќи како ќе бидат исплатени пензиите на 1 декември?

„Пензиите мора да се исплатат, но од каде ќе најдете средства да префрлите до Фондот, кога во Буџетот ги немате?“. праша Тренчевска.

Во одговор на ова пратеничкото прашање, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски рече дека Тренчевска сака да ги уплаши граѓаните, но наместо да одговори конкретно, ја обвини Тренчовска дека ги избркала пензионерите од канцеларија кога таа била министер, а ВМРО-ДПМНЕ ги прифатило.

„Немојте да сеете страв дека пензискиот фонд бил пред колапс и дека немало да има пензија на 1 декември. Сето тоа се лаги и сето тоа ќе биде демантирано за само неколку дена од денес. Ќе бидат исплатени тие пензии, и во 2026 и во 2027 и понатаму и ќе има покачувања согласно законските прописи. Граѓаните нека бидат мирни“, рече Велковски.