Лидерот на јужнокорејската опозиција судот го прогласи за невин за кршење на изборниот закон


 Апелацискиот суд во Сеул денеска ја укина пресудата на понискиот суд и пресуди дека лидерот на јужнокорејската опозиција Ли Џае-Мјунг не е виновен за кршење на изборниот закон.

Британските медиуми јавуваат дека денешната одлука на Апелациониот суд значи дека Ли Џае-мјунг сега може да се кандидира за претседател на Јужна Кореја.

По пресудата Ли изјави дека се покажало дека целиот случај против него е политички мотивиран.

-Навистина е срамота што сета оваа енергија и национални ресурси беа потрошени за исход што беше очигледен, рече Ли.

Опозицискиот лидер минатата година во првостепена постапка беше осуден на една година затвор, условно на две години, под обвинение за лажно сведочење за време на парламентарното сослушување во 2021 година поврзано со проект за развој на земјиште во Сонгнам, каде што тој беше градоначалник.

Првичната пресуда го спречи да се кандидира за претседател на Јужна Кореја.

Според резултатите од анкетите на јавното мислење, Ли Џеј Мјунг се смета за главен фаворит на изборите.

Доколку Уставниот суд го потврди импичментот на претседателот Јун Сук Јеол, земјата ќе се соочи со претседателски избори во рок од 60 дена.