„Личниот геронтолог“ на Путин, кој планираше да живее 100 години, умре на 77
На 77-годишна возраст почина еден од водечките руски геронтолози, основач на Институтот за биорегулација и геронтологија, академик на Руската академија на науките Владимир Кавинсон. Ова го соопшти вицегувернерот на Санкт Петербург Олег Ергашев.
Научникот, кого медиумите го нарекоа „личен геронтолог“ на претседателот Владимир Путин, работеше на проблемите со стареењето и продолжувањето на активниот живот од раните 1990-ти, регистрирајќи 13 лекови и 64 видови додатоци во исхраната базирани на пептиди, пишува „Москва тајмс“.
Во 2017 година, Путин му додели на Кавинсон Орден за пријателство за посебни достигнувања во областа на медицината. Во интервјуто за медиумот „Фонтанка“, дадено во пресрет на доделувањето на наградата, Кавинсон, цитирајќи ја Библијата, рече дека ресурсот на човечкото тело може да достигне 120 години, а минимумот е 100 години.
„Во Стариот завет е напишано дека Бог му дал толку многу на човекот“, објасни Кавинсон. „Максималниот рекорд во Гинисовата книга е 122 години од Французинката Ана Калман, во Русија рекордот е 117 години на Варвара Семењакова. Затоа, 100 години се минимум“.
Тој му вети на Путин „најмалку 20 години“ активен живот и го нарече „модел“ со „брилијантен потенцијал“. Кавинсон исто така нагласи дека медицината треба да го продолжи животот на државниците, бидејќи „по правило, нема кој да замени искусен лидер“. „И без него, ќе започне политичка криза во земјата“, објасни научникот.