Легендарниот „конкорд“ по реставрацијата беше пренесен во музејот по реката Хадсон (видео)


Суперсоничниот авион „конкорд“ се врати во својот дом во музејот „Интерпид“ на Менхетен, откако патуваше по реката Хадсон во Њујорк.

Авионот беше подложен на повеќемесечна реставрација во Бруклин и е еден од седумте кои некогаш биле во сопственост на „Бритиш ервејс“. Луѓето собрани покрај бреговите на реката Хадсон имаа можност да го видат легендарниот „конкорд“ за време на неговиот транспорт до музејот.

Претставниците на музејот изјавија дека овој најбрз комерцијален авион во светот е всушност најатрактивната изложба од неговото пристигнување во 2003 година.

„Повеќемесечниот проект за реставрација вклучува бришење боја, пескарење и лакирање со користење на истите бои и ознаки што го направија „конкорд“ вистинска легенда на авијацијата“, велат од музејот.

Авионот повторно ќе биде достапен за јавноста од 4 април годинава.