ЛДП предлага Викенд без ДДВ

ЛДП повторно ја актуелизира идејата за воведување Викенд без ДДВ во државата.
„Потсетуваме, Викенд без ДДВ е предлог на ЛДП вметнат во партиската програма уште во 2012-та година и беше мерка од претходната влада која додека беше активна, покажа добри резултати. Предлагаме новиот Викенд без ДДВ да има две варијанти. Првата – да се воведе на ниво на целата држава и втората, да се воведе во одделни градови за определени денови, значајни за конкретниот град (викенди, пазарни денови, локални празници итн)“, изјави Љубен Аврамовски, портпарол на ЛДП и потпретседател на Либерално-демократската младина (ЛиДеМ).
„Со повторното воведување на оваа мерка граѓаните добиваат поевтини цени, трговците добиваат поголем викенд промет, производите ќе бидат поевтини од 5 до 18%, а целата економија се освежува и добива нов импулс. Намалените државни приходи ќе бидат незначителни во споредба со ефектот кој ќе се постигне од зголемената потрошувачка и кој неколкукратно ќе биде надоместен“, посочува Аврамовски.
Аврамовски предлага одредени градови за одредени празници, за време на кои имаат голема посетеност и голем број на туристи однадвор, треба да воведат вакви викенди со цел да се зголеми туристичката понуда и да се привлечат поголем број на гости.
„На пример, Охрид би го добил својот викенд за време на Водици, Берово за време на Богородица, Прилеп за Пиво фест-от, Велес за пастрмајлијадата, Струмица за време на карневалот и така натаму“, вели Аврамовски и упатува апел до сите за отворена дебата за оваа предлог мерка и нејзината имплементација.
Аврамовски додава дека во ЛДП се убедени во корисноста на мерката и веруваат дека ефектот кој ќе го има значително ќе се одрази како на целокупната, така и на локалните градски економии.