Лавров паднал во немилост на Путин по пропаѓањето на самитот со Трамп
Министерот за надворешни работи не бил на важниот состанок на рускиот совет за безбедност, а нема да ја предводи и руската делегација на самитот на Г20, таму ќе оди човек од Кремљ
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се чини дека ја изгубил наклонетоста на Кремљ по катастрофалниот телефонски разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио, што доведе до прекин на самитот меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп.
Лавров (76), кој го предводи Министерството за надворешни работи повеќе од 20 години, не се појави на значајниот состанок на рускиот совет за безбедност, на кој претседателствуваше Путин на 5 ноември.
На состанокот со постојаните членови на Советот за безбедност, меѓу кои е и Лавров, Путин им наложи да разгледаат предлози за продолжување на нуклеарните тестирања, кои Русија последен пат ги спроведе во 1990 година. Лавров „намерно отсуствуваше“ од состанокот, изјави извор за рускиот весник „Комерсант“. Лавров беше единствениот постојан член на Советот за безбедност кој го пропушти значајниот состанок.
Лавров, исто така, го изгуби статусот на шеф на руската делегација на самитот на Г20. Оваа година, тоа ќе биде заменикот-шеф на кабинетот на претседателската администрација Максим Орешкин, објави во четврток прес-секретарот на Кремљ, Дмитриј Песков. Според него, одлуката за назначување на Орешкин ја донел Путин.
Самиот претседател повторно одлучи да не присуствува на самитот на Г20, кој ќе се одржи оваа година во Јужна Африка, потписничка на Римскиот статут и обврзана да го уапси Путин врз основа на потерница од Меѓународниот кривичен суд.
Во 2025 година, поради потерница од МКС, Путин не можеше да лета за Бразил – исто така за самитот на БРИКС. А во 2022 година, тој го пропушти самитот на Г20 на Бали. Во двата случаи, Лавров беше шеф на руската делегација.
Ветеран на руската дипломатија и поранешен постојан претставник на Русија во Советот за безбедност на ОН, Лавров имаше телефонски разговор со Рубио на 21 октомври, за време на кој требаше да разговара за условите на претстојниот самит Путин-Трамп во Будимпешта. Сепак, Рубио препорача Трамп да го откаже состанокот, а по прекинувањето на самитот следеа американски санкции против „Роснефт“ и „Лукоил“ – први по враќањето на Трамп во Белата куќа.
Извори на Ројтерс запознаени со ситуацијата рекоа дека причината е непопустливиот став на Кремљ, кој „сакаше премногу“ и отфрли прекин на огнот во Украина.
По неуспешниот разговор со Рубио, самиот Лавров повторно зборуваше за „нацистички режим“ во Киев и побара да се решат „коренските причини за конфликтот“. Итно прекинување на огнот би резултирало со тоа што поголемиот дел од Украина „ќе остане под контрола на нацистички режим“, а Западот повторно би ги „снабдил“ украинските вооружени сили со оружје за „терористички акции во форма на напади врз цивилната инфраструктура на Русија“, тврди Лавров.