Лани помалку јавни набавки без оглас, но за повеќе пари
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јули-декември 2020 година, како и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендерите. Клучните наоди од мониторингот вклучуваат:
- Чести поништувања на тендерите, a причините за тоа и големината на тендерите за кои се носат вакви одлуки ја отвораат дилемата дали со поништувањата се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите.
- Транспарентноста на јавните набавки не е на предвиденото ниво во согласност со новиот Закон за јавните набавки. Во повеќе од четвртина од мониторираните постапки на централно ниво (27,5 %), евидентирано е непочитување на законската обврска за известување во однос на спроведените тендери.
- Најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 97 % од тендерите, а електронската аукција е применета во дури 94 % од тендерите. Ваквото постапување на институциите не е во согласност со актуелните европски трендови, ниту, пак, соодветствува на барањата на бизнис-заедницата.
- Во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра. Во однос на претходната година намален е бројот на договори, но вредноста е зголемена за 21 %.
- За дури три четвртини од фирмите ‘најниската цена’ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Задоцнетото плаќање повторно избива како голем проблем за фирмите, кои просечно чекаат седум месеци за наплата на побарувањата за завршените набавки. 48 % од фирмите сметаат дека ‘секогаш’ или ‘често’ има корупција во јавните набавки. Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,82 (на скалата од 1 до 5), што е незначително намалување во однос на лани, кога оценката беше 2,87.