Курц: Германија го копира австрискиот модел за олеснување на заклучувањето


Германија го усвои начиот план чекор по чекор, вели Себастијан Курц (Фото: Ројтерс)

Виена – Конзервативниот канцелар на Австрија, Себастијан Курц, во средата изјави дека неговата земја е толку успешна во забавување на ширењето на коронавирусот, што други, особено Германија, го копираа тој план за олабавување на нивните заклучувања.

Алпската република реагираше брзо во почетокот на заразата со затворање на рестораните, баровите, театрите, несуштинските продавници и другите места за собирање пред повеќе од еден месец. Владата им порача на граѓаните да останат дома и да работат од таму ако е можно.

Овие мерки на заклучување помогнаа да се намали дневното зголемување на инфекциите на помалку од два отсто, а Австрија досега објави 510 смртни случаи, колку што некои поголеми земји имаа секој ден. Германија презеде слични мерки и двете земји имаат приближно иста стапка на смртност.

„Интересно е што не само во однос на мерките за заклучување, многу држави го копираа нашиот пат, туку и за време на продолжување на активностите, сега други земји, како на пример, Германија го усвојуваат нашиот план чекор-по-чекор“, рече 33-годишниот Курц во парламентот.

„И тоа, според моето мислење, покажува пред сѐ дека мерките што ги презедовме беа исправни“, рече Курц, додавајќи дека дневните инфекции во Австрија биле „врвна бројка на меѓународно ниво“.

Австрија го презеде првиот чекор во олабавување на заклучувањето минатата недела, во вторникот по Велигден, кога градинарските центри, како и продавниците до 400 метри квадратни – околу двапати повеќе од тениски терен за сингл мечеви – повторно беа отворени.

Кога Курц го објави планот за првиот бран на отворање по што треба да го следат трговски центри, поголеми продавници и фризерници од 1 мај, неговата германска колешка Ангела Меркел рече дека за Германија е премногу рано да го стори истото.

Поголемиот сосед на крајот го следеше овој пример, но Германија дозволи да се отворат оваа недела продавници до 800 метри квадратни, како и продавници за автомобили и велосипеди и книжарници.

Курц рече дека се надева оти двете држави би можеле да се согласат повторно да ја отворат заедничката граница, бидејќи земјите на ЕУ ќе започнат да размислуваат да дозволат патување помеѓу земјите-членки со ниски стапки на инфекција.

Туристичката индустрија во Австрија многу се потпира на германските посетители, иако датумот од кој хотелите повторно ќе се отворат допрва треба да се објави.

„Се надевам дека наскоро можеме да направиме чекори напред, особено со Германија, затоа што имаме долга граница со Германија и многу семејства се одвоени“, рече Курц. (Ројтерс)