Куни во Данска заразени од корона вирус, ќе бидат убиени 11.000 животни
Властите на Данска најдоа коронавирусот на фарма за куни, најавувајќи дека ќе бидат убиени животните, откако ширењето на инфекцијата е забележано и во Холандија.
Данска е најголем извозник на крзно од куна во светот, а избувнувањето на коронавирусот на фарма во северен Јутланд е прв ваков случај во земјата.
Куните биле тестирани откако едно лице поврзано со фармата било позитивно на ковид-19, пренесува Ројтерс.
Властите решија да ги убијат сите 11.000 животни на фармата.
„Владата одлучи да ги убие заразените канадски куни како претпазливост, со цел да се минимизира ризикот од потенцијално ширење на болеста“, се вели во соопштението на данската Агенција за ветеринарство и храна.
Вирусот е регистриран и на 13 фарми за куни во Холандија, а властите наредија убиство на вкупно 570.000 животни.
Притоа, холандското Министерство за земјоделство објави дека вирусот преминал од животно на човек, а министерката Карола Шутен признала дека упатствата на министерството во кое се вели дека луѓето можат да заразуваат животни, но не обратно, не биле во ред.
Коронавирусот за прв пат е регистриран на фарми за куни во Холандија во април, откако чуварите забележале дека некои животни имаат потешкотии при дишењето.
Холандија извезува крзно од куна на кинескиот, корејскиот, грчкиот и турскиот пазар.