Куба: Од американски глисер е испукано оружје кон нашата крајбрежна стража – загинаа четири мажи


Четворица мажи на глисер регистриран во САД се убиени во кубанските води, објави кубанското Министерство за внатрешни работи. Во соопштението на министерството се вели дека патниците на глисерот отвориле оган врз брод на крајбрежната стража кој им се приближувал. Во инцидентот, кој се случил во близина на остров на северниот брег на Куба, повредени се уште шест лица, пишува Би-Би-Си.

Министерство: Тие отвориле оган врз нашата патрола
Во соопштението издадено преку кубанската амбасада во САД, министерството прецизира дека бродот регистриран во Флорида – со регистрациски број FL7726SH – бил забележан во среда наутро во близина на Кајо Фалконес, во централната провинција Вила Клара. Идентитетот на луѓето на глисерот, како и причината за нивниот престој во областа, засега не се јасни, а кубанската влада вели дека е започната истрага за „разјаснување“ на инцидентот.

Кога кубански брод со пет члена на граничната полиција се приближил до глисерот за идентификација, „екипажот на глисерот што го прекршил законот отворил оган“ и го ранил кубанскиот командант, се вели во соопштението. „Во конфликтот што следел, според досегашните информации, четворица напаѓачи на странски брод биле убиени, а шестмина биле ранети“, се додава во соопштението.

Ранетите лица биле евакуирани и им била укажана медицинска помош.

Инцидент во време на зголемени тензии
Инцидентот се случува во време на зголемени тензии меѓу САД и Куба, која се соочува со продлабочување на кризата со горивото. Кризата беше влошена од блокадата на САД на испораките на нафта од Венецуела, долгогодишниот сојузник на Куба во регионот. Кубанската изјава алудираше на тие тензии, велејќи дека „соочени со сегашните предизвици, Куба ја потврдува својата решеност да ги заштити своите територијални води“ и да го зачува својот суверенитет.

Инцидентот се совпаѓа и со пристигнувањето на американскиот државен секретар Марко Рубио во Сент Китс и Невис на состанок со карипските лидери. Посетата се одвива како дел од напорите на администрацијата на Трамп да го зголеми притисокот врз кубанската влада, но и поради други регионални прашања.

Би-Би-Си контактираше со американскиот Стејт департмент и Белата куќа за коментар.