Кси со нов закон ќе ги прави Кинезите поголеми патриоти


Еден декемвриски ден, средношколците во Фужоу, југоисточна Кина, се собраа во селскиот парк за да ги проучат мислите на кинескиот лидер Кси Џинпинг. Развивајќи црвен транспарент што го прогласи нивното излегување како „проодна училница за политика и идеологија“, тие бараа просветлување со следење на стапките што ги направи Кси при неговата посета на соседството во 2021 година.

Друга група млади во северниот крајбрежен град Тијанџин направи обиколка на тврдината за да размисли за „трагичната историја на отпорот на кинескиот народ на странска агресија“. Патувањата се дел од засилувањето на националистичкото образование во Кина во последниве години – сега кодифицирано во сеопфатен нов закон што стапи на сила претходно оваа недела.

Тој „Закон за патриотско образование“, чија цел е „зајакнување на националното единство“, наложува љубовта кон земјата и владејачката Кинеска комунистичка партија да биде вградена во работата и студирањето на сите – од најмалите деца до работниците и професионалците во сите сектори.Наменет е да и помогне на Кина да ги „обедини мислите“ и „да ја собере силата на народот за големата кауза за изградба на силна земја и национално подмладување“, рече претставник на кинеската пропаганда на брифингот за новинарите минатиот месец.

Притисокот за љубов кон татковината и Комунистичката партија е далеку од нов во Кина, каде патриотизмот и пропагандата се составен дел од образованието, културата на компаниите и животот од основањето на Народната Република пред речиси 75 години. Кинескиот национализам напредуваше под Кси, најавторитарниот лидер во земјата во последните децении, кој вети дека ќе ја „подмлади“ Кина до центар  на моќ на глобално ниво и ја охрабри борбената дипломатија „војник волк“  во услови на зголемени тензии со Западот.

Ултранационализмот процвета на социјалните мрежи, каде што секој што се смета дека ја занемарува Кина – од водителите во живо и комичари до странски брендови – ќе се соочи со жестоки реакции и бојкоти.

Новите правила се последни напори на Кси да го продлабочи присуството на партијата во сите аспекти на јавниот и приватниот живот.Но, овојпат, тие напори следат години на строги контроли заради Ковид-19 во Кина, кои завршија доцна во 2022 година, откако младите луѓе низ целата земја излегоа на улиците во невидени протести против владата на Кси и нејзините правила. Тие, исто така, доаѓаат во време кога економијата опаѓа и невработеноста кај младите достигна рекордно високо ниво – зголемувајќи го потенцијалот за поголемо незадоволство.

Експертите сметаат дека Пекинг можеби ја гледа новата правна рамка како начин да се зацементира национализмот и да се консолидира моќта за да се обезбеди социјална стабилност среде предизвиците што претстојат.Кина долго време се потпираше на тоа дека нејиниот народ ќе ја купува нејзината визија како непишан „социјален контакт“, но сега е „на трускав пат веќе пет години“, рече Џонатан Саливан, вонреден професор специјализиран за кинеска политика на Универзитетот од Нотингем.

„Може да има предизвици за тоа ако има долготрајна економска криза… тие работат за да се осигураат дека политички коректниот начин на размислување е целосно обезбеден,  консолидирајќи го ставот дека патот на партијата е единствениот пат за Кина и дека ако ја сакате Кина, треба да ја сакате партијата“, рече тој.

Таа порака е пренесена веќе во некогаш отворениот Хонг Конг по огромните демократски протести што избувнаа таму во 2019 година.Оттогаш, Пекинг јасно стави до знаење дека сака нова генерација патриоти во градот, да се воведат правила за патриотско образование и политички ограничувања кои забрануваат секој што се смета за непатриот да се кандидира за функција.

Воведувањето на законот, исто така, се совпаѓа со 75-годишнината од основањето на Народна Република Кина на претстојниот 1 октомври. Официјалните лица ќе бидат под притисок да обезбедат прослава на патриотизмот – и да ја исклучат секоја можност за несогласување.Според законот, професионалците – од научници до спортисти – треба да се негуваат да искажуваат  „патриотски чувства и однесување што и носат слава на земјата“.

Од локалните власти се бара да ги искористат културните добра, како што се музеите и традиционалните кинески фестивали, за „да ги зајакнат чувствата за земјата и семејството“ и да го засилат патриотското образование преку вести, емитувања и филмови.

Верските тела, исто така, треба да ги „зајакнат патриотските чувства на верскиот персонал и следбениците“ и нивната свест за владеењето на правото – одредба во согласност со настојувањето на Кина да ја зајакне својата контрола над религијата.

Најновата легислатива ја следи директивата од Министерството за образование од 2016 година за воведување на сеопфатно патриотско образование во секоја фаза и во секој аспект од школувањето, што игра голема улога во новиот обединет закон.Таа, исто така ги следи минатите напори, како што се апликациите за паметни телефони за луѓето да „научат за новата социјалистичка мисла“ – вклучително и лекција за тоа како „дедо Кси не воведе во новата ера“ – и возрасните да читаат и да полагаат тестови за најновите теории на Кси. Последново се сметаше за успешно бидејќи на сите 90 милиони членови на Комунистичката партија им беше наредено да ги користат заедно со многу вработени во државните претпријатија.

Новите правила потврдуваат дека патриотското образование ќе се вклопи во училишните предмети и наставните материјали „во сите одделенија и во сите видови институции“, додека од родителите дома се бара да ги насочуваат своите деца и да ги охрабруваат да учествуваат во патриотски активности.

„Ова има врска со консолидацијата на моќта на Кси. Тој сака патриотското образование да започне рано“, вели Алфред Ву, вонреден професор на школата за јавна политика Ли Куан Ју на Националниот универзитет во Сингапур.

Тој рече дека овој потег е насочен кон негување на лојален начин на размислување кон Кси уште од млада возраст, а исто така испраќа порака до пошироката јавност дека фокусот на Пекинг сега е на консолидирање на моќта на Кси по економскиот бум во изминатата деценија.Новиот закон, исто така, наредува културните установи, како што се музеите и библиотеките, да се претворат во места за патриотски едукативни активности, а туристичките дестинации во места што „инспирираат патриотизам“.Од училиштата се бара да организираат патувања за учениците да ги посетат овие локации, кои официјалните лица ги нарекуваат „шетачки училници за политика и идеологија“. Ваквите патувања не беа невообичаени во минатото, но законот сега официјално наметнува законски мандат на училиштата да го сторат тоа.

Кина има и други закони кои имаат за цел да го искоренат непатриотското однесување, како што е забраната за сквернавење на национални знамиња и навредите кон војниците. И под Кси во последниве години какво било несогласување – дури и во форма на коментари на интернет кои не ја нарушуваат партиската линија – е доволно да ги доведе луѓето во неволја со властите. Но, се чини дека најновиот закон воведува казни за дела кои веќе не се казниви според постоечките закони, според Је Руипинг, виш предавач по право од Универзитетот Викторија во Велингтон во Нов Зеланд.

На пример, се наведува дека однесувањето „застапување, величење и негирање на чинови на инвазија, војни и масакри“ и „оштетување на патриотските образовни објекти“ може да биде предмет на казни, рече таа.